Саудиска Арабија ги суспендира сите меѓународни летови
Саудиска Арабија ги суспендира сите меѓународни летови поради новиот вид на коронавирус, соопшти Министерството за внатрешни работи, пренесе Си-Ен-Ен, повикувајќи се на национална државна агенција.
Саудиската Влада одлучи на една недела да ги прекине сите меѓународни летови, а одлуката може да биде продолжена, соопшти Саудиската прес-агенција (СПА).
Исклучок од оваа одлука се заминувањата, така што луѓето кои сакаат да ја напуштат Саудиска Арабија можат да одлетаат од аеродромот во оваа арапска земја, се додава во соопштението на министерството.
На една недела, исто така, забрането е влегувањето во Саудиска Арабија преку копно и вода, со можност за продолжување на суспензијата за уште седум дена.
Оние кои влегле во Саудиска Арабија од некоја европска или од земја каде по 8 декември има забележително зголемување на бројот на пациенти, мора да ги почитуваат мерките за ограничување, вклучувајќи го и двонеделниот карантин, што стапува на сила од моментот на влегување во земјата.
Патниците кои во земјата влегле по 8 декември ќе треба да бидат тестирани за коронавирус и тестот да го повторуваат за пет дена.