ВИДЕО: Си направил уште еден стан без дозвола во Буњаковец, Општина Центар го урива
Општината од утрово започна со уривање на диво поткровје во Буњаковец во зграда карши градежниот факултет. Сопственикот без дозвола си изградил уште еден стан на поткровјето на зградата.
На терен затекнавме инспектори, полиција, машини и работници кои се уште мамеа погледи од минувачите..
Градоначалникот Саша Богдановиќ за Канал 5 вели дека решение за овој објект има уште од 2018тата година, а откако се завршени сите правни процедури, општината ја земала работата во свои раце.
„Се отстрануваат градби и доградба со димензии 28метри, ширина 2,2, метри. Изградени од дрвена конструкција …“ -Саша Богдановиќ, градоначалник на Општина Центар
Сопственикот на објектот го затекнавме во станот, тој не сакаше да зборува пред камера, но ни кажа дека е изненаден како е дојдено до тоа присилно да се руши градбата.
На 5тиот кат од зградата во негова сопственост се два стана.
Машините и во наредните денови ќе продолжат со уривање на станот за кој општината тврди дека е безправно изграден објект, овде спроти градежниот факултет.
Ова е само еден од 18те објекти кои ќе бидат отстранети наредниот период за кои Општината има решенија. Богдановиќ вели дека на овој начин ќе се воведе пракса, веднаш штом решенијата станат правосилни – објектите да бидат срушени, а граѓаните кои градат на диво нема да се толерираат.