Израелскиот Парламент го одби договорот за буџетот, се поверојатни нови избори
Израелските пратеници рано утринава го отфрлија предлогот за државниот буџет, зголемувајќи ги на тој начин шансите за распуштање на парламентот и распишување нови избори.
Веднаш по почетокот на кампањата за вакцинација против Ковид-19 Израел би можел да се врати на гласачките места, по четврти пат за помалку од две години, откако не успеаја претходните три обиди за јасен изборен победник меѓу Бенјамин Нетанјаху и поранешниот врховен командант на вооружените сили, Бени Ганц, пренесе Хина.
По нивниот последен изборен дуел во март, двајцата развлекуваа со формирање на влада на „национално единство и итност“, но на крајот мораа да ја завршат најдолгата политичка криза во историјата на Израел за да почнат да се справуваат со здравствената криза.
Тогаш се договорија да се менуваат на премиерската функција и дека владата ќе донесе двогодишен буџет (за 2020 и 2021 година), но Ликуд на Нетанјаху предложи да се гласа за двата буџета одвоено, што партијата на Ганц, „Сино-бело“, го одби.
Ова нерешено прашање стана слабата карика во коалициската влада и, според израелските медиуми, показател за тензиите меѓу Нетанјаху и Ганц.
Крајниот рок за гласање на буџетот е 23 декември и доколку дотогаш не се донесе буџетот, Кнесетот автоматски ќе се распушти и ќе се распишат нови избори за крајот на март 2021 година.
Обидувајќи се да ја реши кризата, партијата на Бени Ганц ниќеска пред полноќ предложи да има ново гласање за поместување на крајниот рок за усвојување на буџетот за 2020 година за 31 декември, а на буџетот за 2021 година за 5 јануари. Но, за време на гласањето на полноќ 49 пратеници гласаа „против“ предлогот, а само 47 беа „за“. Сега израелските законодавци треба да постигнат нов договор до крајот на денот, доколку не сакаат нови избори.
„Не сакаме избори (…), но ако тие ни ги наметнат, ќе победиме“, рече Нетанјаху