Русија го прошири списокот со санкции за претставници на ЕУ заради нивните ставови за случајот Навални
– Искористувајќи го старото талионско начело „око за око, заб за заб“ Русија им воведува санкции за претставници на ЕУ како одговор на санкциите воведени од Унијата за труењето на опозицискиот лидер Алексеј Навални, пренесуваат француските медиуми.
Руското Министерство за надворешни работи денеска соопшти дека како одговор на „конфронтирачките активности на ЕУ одлучило да го прошири списокот на претставници на земјите-членки на ЕУ и институциите на кои ќе им биде забранет пристап до Руската Федерација“.
Контрасанкциите се соопштени откако Москва денеска повика високи дипломати од Германија, Франција и Шведска, во чии лаборатории се потврди дека Навални во август годинава бил отруен со советскиот нервен агенс “Новичок“.
-Германските, француските и шведските дипломатски претставници беа повикани во Министерството за надворешни работи во врска со воведувањето на антируски санкции за ЕУ, изјави портпаролката на министерството, Марија Захарова, пренесоа француските медиуми.
Европските дипломати не дадоа изјави по средбата во руското МНР.
Новите санкции следат само еден ден откако Навални соопшти дека самиот измамил руски агент да му признае дека Федералната служба за безбедност (ФСБ) се обидела да го убие ставајќи му отров во долната облека.
ФСБ доцна синоќа овие докази на Навални го оцени за „лажни“ и соопшти дека тој е поддржан од странски разузнавачи.
Навални (44) во август одеднаш сериозно се разболе за време на лет од Сибир кон Москва и веднаш беше хоспитализиран во градот Омск, а потоа пренесен во Берлин со медицински авион.
Руското Министерство за надворешни работи претходно минатата недела ги повтори обвинувањата дека земјите од ЕУ одбиле да соработуваат со Русија во истрагата на инцидентот. Москва повеќепати ги негираше обвинувањата дека нејзините безбедносни служби имале каква било улога во инцидентот