Ковид-19 пристигна на Антарктикот, заразени 36 чилеански војници
На Антарктикот се потврдени 36 случаи на Ковид-19, така што повеќе нема континент на кој коронавирусот не е присутен, јавија денеска австралиските медиуми.
Австралискиот канал Еј-Би-Си јави дека 36 Чилеанци имале позитивен тест за коронавирусот во воената база на Антарктикот, што значи дека за овој континент повеќе не важи тврдењето дека е единствен без вирусот.
Еј-Би-Си се повика на повеќе медиуми на шпански јазик кои јавија дека во понеделникот е потврдено оти 36 припадници на чилеанската армија стационирани во база на Антарктикот се позитивни на коронавирусот.
Базата се наоѓа во близина на најсеверниот врв во западниот дел на Антарктикот, далеку од австралиските бази во источен Антарктик, а австралиската дивизија на Антарктикот се обидува да ги потврди овие извештаи со чилеанските власти.