Во САД 803.000 Американци поднеле молби за помош поради невработеност
Бројот на поднесени молби за невработени во САД минатата недела паднаа за 89.000 по два недели раст, но остануваат на високо ниво, покажуваат податоците на Министерството за труд.
Во неделата до 19 декември беа поднесени вкупно 803.000 молби, во споредба со ревидираните 892.000 претходната недела. Тоа е далеку под она што го очекуваа економистите, иако аналитичарите предупредуваат дека податоците може да се променат поради грешки при собирање сезонски прилагодени податоци околу празниците.
Новите молби за специјални бенефиции за невработени за пандемијата, кои ќе истечат за неколку дена, паднаа за скоро 57.000 на 397.511.
Американскиот претседател Доналд Трамп се закани дека ќе стави вето на долгоочекуваната финансиска помош, која Конгресот ја одобри пред неколку дена.
Заклучно со 5 декември, 20,4 милиони Американци примаа надоместоци за невработеност. Повеќе од 14 милиони од нив добиваат помош од специјални програми поради пандемијата.