Боки повторно поднесуваше кривични против функционери, лекари, судии..

Бојан Јовановски-Боки 13 денеска повторно беше во Основното јавно обвинителство-Скопје за да поднесе нови кривични пријави. Според информациите од неговиот адвокат Сашко Дуковски, денеска поднел шест кривични, против повеќе лица.

„Поради фактот дека се работи за предистрага и само поднесување на кривична пријава, не можам да кажам за кои лица станува збор, само ќе кажам дека станува збор за претставници на медицинската струка кои учествувале во некакви процеси, претставници на власта, на судската и на обвинителската фела“,изјави Дуковски.

Тој рече дека пријавите се поднесени за повеќе кривични дела, меѓу кои: злоупотреба на службена положба и овластување, несовесно лекување на болни, тортура, обид за убиство и др.

Јовановски, кој е првостепено осуден во „Рекет“ на девет години затвор, а седи на обвинителна клупа и во актуелниот предмет „Меѓународен сојуз“, кривични пријави поднесуваше и летово. Тогаш преку писмо информираше дека поднел кривични против 40-ина носители на јавни функции, нивни блиски и бизнисмени. За да ги поднесе тие кривични во периодот од крајот на јуни до почетокот на јуни, тој трипати беше спроведуван до ОЈО Скопје за да ги поднесе кривичните.

Боки преку писмо посочи дека кривичните се против 40-тина функционери, нивни блиски и бизнисмени

Иако неговиот адвокат денеска не посочи против кого се новите кривични пријави, Јовановски на изминатите неколку рочишта за случајот „Меѓународен сојуз“ обвинуваше лекари за давање извештаи дека неговата здравствена состојба е добра, а упати и обвинувања до судијките што го судеа предметот „Рекет“, Васка Николовска-Масевска и Софче Гаврилова-Ефремова, дека бил тенденциозно држен во притвор.

„Вие носите професионална и кривична одговорност поради мојата состојба, за која фалеа 30 минути за да заврши фатално… Би било непристојно да станам овде и да ви го покажам вашето дело, 40 сантиметри рез“,рече Боки во судницата на 19 ноември алудирајќи на тоа дека неговата здравствена состојба додека беше во притвор се влоши, по што мораше да прави итна операција на желудникот.

Back to top button
Close