Светот во 2020: Година кога САД ја преиспитува својата историја
Додека 2020 година ќе биде запаметена низ целиот свет по пандемијата на коронавирус, во колективната меморија на граѓаните на САД ќе им се придружат протестите кои предизвикаа силна политичка и социјална криза ова лето.
Протестите против социјалната неправда, системскиот расизам и полициската бруталност кон црнците, поттикнати од смртта на Џорџ Флојд, на кого полицаец неколку минути му држеше колено на вратот додека тој молеше за воздух, се проширија во американските градови. На некои места, тие се претворија во отворено насилство, проследено со палење на јавен и приватен имот и грабежи, но најголемиот дел од протестите беа мирни и ненасилни.
Погребот на Афроамериканецот Џорџ Флојд беше глобален настан. Тој стана симбол на борбата против расизмот, а неговата смрт изнесе стотици илјадници луѓе ширум светот на улица. Тој секако не е првиот црнец убиен од полицаец со бела кожа во полициска акција. Но, овојпат реакцијата е далеку поинтензивна, како во САД, така и во остатокот од светот.
Слоганот „Животите на црнците се важни“ (Black Lives Matter – BLM) сега го знаат стотици илјадници луѓе во светот. Тој околу себе ја собра интернет заедницата на граѓани како и активисти кои се залагаат за етички начела, засновани на почитување на човековиот живот.
Имињата што најмногу се поврзуваат со движењето БЛМ не се неговите водачи, туку жртвите, чија смрт привлече внимание на огромниот проблем на расизмот во САД, меѓу кои Џорџ Флојд, Бриона Тејлор, Ерик Гарнер, Мајкл Браун. Корените на движењето датираат од 2013 година, кога полицаецот Џорџ Цимерман, кој го уби невооружениот тинејџер Трејвон Мартин на Флорида, беше ослободен од обвинението.
– Пред седум години добивме повик да се собереме. Бевме околу триесетина и стоевме во дворот на заедницата на црни уметници во Лос Анџелес, а нè собра Патрис Кулорс, една од ко-основачите и моја најмила пријателка, вели Мелина Абдула, професор по панфрикански студии во Лос Анџелес и коосновач на еден од првите ограноци на БЛМ.
– Имаше студенти .. уметници, организатори и мајки. Знаевме дека е дел од нашата света должност да сториме нешто. И, бевме доволно арогантни да помислиме дека можеме да го смениме светот, само немавме план како, се смее таа.
Жената која ги постави темелите на оваа доктрина и движењето БЛМ како целина беше Ела Бејкер, феминистичка лидерка за граѓански права, која се залагаше за децентрализиран граѓански активизам, наместо за водство на еден лидер.
Поради тоа и многумина не знаат ниту дали движењето има лидери, кое неслучајно е децентрализирано. – Не знам кои се водачите. Не знам ни дали постојат. Мислам дека е тоа можеби духовно, емоционално движење, настанато поради имплицитните неправди во нашето општество, со кои претходно не бевме подготвени да се соочиме, изјави поранешниот американски амбасадор во ОН Ендрју Јанг.
Ограноци на БЛМ никнаа низ САД, но и низ целиот свет, а се одржаа масовни протести и во Велика Британија, Европа и Канада. Многу нови членови се приклучија на движењето, од различни сфери на општествениот живот, кои претходно не чувствуваа дека тоа е и нивна борба
Сегашната поголема сензибилизираност на јавноста само делумно објаснува зошто смртта на Флојд предизвика силни реакции во светот, а посебно во САД. Тоа се случи за време на пандемија, која посебно ги погаѓа оние кои се посиромашни и со полошо здравје, како што е случајот со црнците во САД. Можеби најмногу придонесе објавеното видео на кое се гледа како Флојд осум минути и 46 секунди моли за живот, осум минути и 46 секунди во кое 46-годишниот маж повторува: не можам да дишам. Се чини светот конечно го слушна крикот на црнците во гласот на Флојд. Не дека дотогаш светот не чул за постоењето расизам и полициска бруталност, но овојпат и виде. А новите генерации, поврзани преку социјалните медиуми се гласни во осудата на неправдите.
Но, расистичко полициско дејствување не е ексклузивитет на САД. Протестите покажаа дека и Европа треба да се преиспита. Иницијативата „Смрт во притвор“ истражува случаи во кои луѓе со црна боја на кожата починале во притвор во Германија и според нивните податоци, од 1990 година досега најмалку 159 луѓе го изгубиле животот.
Системска нееднаквост
Континуираната дискриминација на Афроамериканците е главната причина за масовните протести во САД, кои следеа по убиството на Флојд. Таму сè уште има закони кои ја поттикнуваат нееднаквоста. Од донесувањето на Законот за граѓански права од 1964 година, црните Американци се изедначени со белците, а „расната сегрегација“ стана нелегална.
Многу програми насловени „Афирмативните акција “ би требало да ги компензираат недостатоците со кои се соочува црната популација во оваа земја, на пример при запишувањето на факултет, но до денес, белото мнозинство во САД е во просек побогато, пообразовано и поздраво.
Во текот на изминатите десет години, „медијана“ заработувачката (Во прашање не е просек, туку т.н. медијана, вредност под и над која се наоѓа точно половина од сите приходи. За разлика од просекот, таа вредност го ублажува влијанието на многу ниските и многу високи плати и се смета дека е подобар индикатор за стандардот на „обичниот” човек.) на афро-американското население во САД е за 20 до 25 проценти пониска од заработувачката на белците. Причината не е тоа што има супер богати белци како мултимилијардерите Бил Гејтс или Џеф Безос. Таканаречениот медијана приход покажува колку домаќинства се над или под просечното ниво на приход.
Само мал број Афроамериканци од сиромашни семејства успеваат да ја избегнат оваа ситуација: 50 проценти помалку Афроамериканци чии родители се на дното на скалата според заработувачката успеваат да се преселат во група со повисоки примања во споредба со децата на белците, покажа истражувањето на Институтот Брукингс.
– Постојат голем број закони и правни практики кои имаат повеќе негативно влијание врз Афроамериканците отколку врз другите групи во населението, вели Кристијан Ламерт, политиколог од Институтот Џон Ф. Кенеди во Берлин. Тоа вклучува спроведување на законот, образование и здравствена заштита.
Тој структурен расизам има долга традиција во САД, вели Ламерт. Кога Владата воведе социјално осигурување во 1935 година, ги исклучи земјоделските работници, послугата и повремено вработените. Сите овие беа занимања со ниски примања во кои црнците беа непропорционално многу застапени.
Како актуелен пример, Ламерт укажува на Законот за употреба на наркотични средства. „Прекршоците поврзани со дрогата, првенствено консумирани од црнците, се казнуваат многу построго отколку што е случајот со дизајнерските дроги, кои претежно се користат на Вол Стрит“. Ова е важна причина зошто црнците имаат три пати поголема веројатност да завршат во затвор отколку белците – што влијае на можностите за образование и напредувањето во кариерата.
Слична е состојбата и во здравствената политика: во САД не постои општо здравствено осигурување. Само оние кои заработуваат добро или имаат фер-работодавач се здравствено осигурени. Во 2018 година, според студијата на Кајзер Фемили Фаундејшн, 11,5 проценти од Афроамериканците немале здравствено осигурување. Кога станува збор за белците, 7,5 проценти од нив не биле здравствено осигурени. Покрај тоа, американскиот здравствен систем е меѓу најскапите во светот. До две третини од личните банкроти во САД се должат на трошоците за лекување, а црните Американци се погодени повеќе од белците.
Иако „расната сегрегација“ е официјално забранета, таа сè уште постои: Афроамериканците сè уште често живеат во не-бели заедници, а белци само со белци. – Здравствената заштита е многу полоша во црните заедници отколку во претежно белите заедници, објаснува Ламерт. Слична е ситуацијата и во училиштата: Суштината е дека квалитетот на школувањето во црните населби е многу полош отколку кај белците. Соодветно на тоа, шансите на црнците на пазарот на трудот се помали. – Разликите во заработувачката меѓу етничките групи во САД се и причина и последица на нивната полоша позиција во општеството.
Но, домувањето, здравството и образованието се поврзани на други начини, вели Ламерт: „Црното население често живее во области со големо загадување на воздухот, каде што можат да купат помалку здрава храна и често јадат замрзната брза храна. Ова е главната причина зошто тие се повеќе подложни на хронични заболувања. Возрасните Афроамериканци страдаат од дијабетес речиси двапати почесто од белците. Стекнатата форма тип 2 – ја има кај околу 95 проценти од дијабетичарите – обично се јавува како резултат на неправилна исхрана и се јавува почесто во необразовани и сиромашни класи.
Во просек, полошото здравје се рефлектира на очекуваниот животен век: според официјалните податоци на Националниот центар за здравствена статистика, здравјето на белците е подобро отколку на Афроамериканците и просечниот животен век на белците е подолг за четири години. Во пандемијата на Ковид-19- поради полошото здравје, послабата здравствена заштита или едноставно не можејќи да си дозволат да одат на работа – починаа надпросечен број повеќе Афроамериканци отколку белци.