Пендаровски за протерувањето на рускиот дипломат: Случајот е документиран, но не можам да коментирам сензитивни работи
Претседателот на државата, Стево Пендаровски, и Министерството за надворешни работи (МНР) потврдија дека од земјава е протеран руски дипломат, но не откриваат детали околу причините дипломатот да се прогласи за персона нон грата.
„Тоа се сензитивни работи, информриан сум од пред неколку дена. Од она што го видов случајот беше документиран од надлежните институции, не стануваше збор за импровизација. Поради природата на работата не можам понатаму да коментирам. Има рок да ја напушти земјата, мислам дека е 7 дена, притоа се водеше сметка од човечки аспект, да не биде тоа преку ноќ, тие луѓе имаат и семејства, нехумано е да постапуваме така по такви прашања“,
изјави Пендаровски.
Според соопштението од МНР, одлуката за протерување на дипломат од руската амбасада на амбасадорот Сергеј Баздикин му била соопштена на 14 мај (минатиот петок).
„Министерството за надворешни работи, согласно член 9 од виенската конвенција за дипломатски односи, одлучи да прогласи еден дипломат на Амбасадата на Руската Федерација за непожелна личност во Република Северна Македонија. Во оваа насока, на 14 мај 2021 година, во просториите на Министерството за надворешни работи беше повикан Амбасадорот на Руската федерација, при што беше врачена нота со која се наложува на посочениот дипломат да ја напушти територијата на Северна Македонија во рок од седум дена“,
велат од МНР.