Во Република Северна Македонија на почетокот на оваа година се утврдени охрабрувачки трендови кои се резултат на шест пакети економски мерки во текот на изминатите 12 месеци. За тоа говорат и буџетските приходи кои се повисоки во однос на преткризниот период: 4,4 проценти е растот на вкупните приходи, 5 отсто е растот на даноците и придонесите. Сите пакети на антикризни мерки за поддршка на економијата во својот фокус ги имаа граѓаните, нивните работни места, социјалната сигурност и солидарност, истакна премиерот Зоран Заев во своето второ обраќање на Виенскиот економски форум .
Заев ги презентираше новите странски инвестиции предвидени во Северна Македонија и истакна дека со потпишувањето на две важни политички декларации во Софија на Берлинскиот процес се забрзува идниот економски раст.
-Проектираме раст од 4,1 отсто, со очекувања извозот да забележи раст од 14 проценти, бруто-инвестициите раст од 7,7 отсто, приватната потрошувачка реален раст од 3,5 отсто, јавната потрошувачка од 4,3 отсто, додека бројот на вработени е проектирано да порасне за 1,9 отсто, а невработеноста да се намали соодветно на тоа, истакна премиерот во своето обраќање.
Заев најави дека е подготвен нов План за финансирање на забрзан раст (Growth Acceleration Financing Plan) како стратешки документ на Владата, кој има за цел преку изнаоѓање нови механизми и извори на финансирање да го поттикне економскиот раст, но и да влијае на фискалната консолидација, односно стеснување на дефицитот и стабилизирање на јавниот долг.
Тој додаде дека овој план е во согласност со приоритетните проекти и ги дефинираат националните приоритети за капитални инвестиции во наредните четири до пет години, истиот е комплементарен на можностите што ги нуди Економски и инвестициски план за Западен Балкан на Европската Комисија.
-Првиот е за спроведување на Заеднички регионален пазар меѓу шесте земји од Западен Балкан, додека вториот е за спроведување на Зелената агенда за Западен Балкан, подготвен од Европската комисија. Двата процеса ќе доведат до понатамошно зајакнување на регионалната економска интеграција, што дополнително ќе го забрза економскиот раст на Северна Македонија. Заедно со Економскиот инвестициски план на ЕУ за Западен Балкан, кој издвојува до девет милијарди евра за целиот регион во следните неколку години, ќе создадеме солидна основа за идните перспективи на регионот, посочи премиерот.
Премиерот Заев истакна дека расте извозот, индустриското производство, трговијата. Дополнително регистриран е раст во сферата на кредитирањето на бизнисите и граѓаните, како и на просечната нето-плата.
Заев посочи дека преку Инвестициската рамка за Западен Балкан, досега се финансирани 23 проекти во вредност од околу 2,1 милијарди евра грантови и заеми во Република Северна Македонија. Според премиерот европскиот инвестициски план за Западен Балкан, се очекува да даде ново, силно и позитивно влијание врз економското закрепнување на регионот, да поддржи зелена и дигитална транзиција.
Премиерот заклучи дека националните институции веќе работат со голема посветеност на процесот на планирање на предвидените проекти кои ги исполнуваат критериумите да бидат поддржани со цел ефикасно да бидат искористени средствата предвидени од Економскиот и инвестициски план за Западен Балкан.