Заев: Развиваме големи енергетски проекти со соседна Грција, тоа се важни геостратешки приоритети

– Целиот свет е посветен на темата инвестирање во обновливите извори, енергетската ефикасност, заштеда на енергијата, енергетиката и дигитализацијата генерално и ние сме посветени на овие приоритети, порача денеска премиерот Зоран Заев.

Во денешното утринско интервју  за „Утрински брифинг“ на Слободна ТВ посочи дека при неодамнешната посета на Грција во фокусот на средбите биле поддршката на странските инвеститори и проектите од областа на енергетика, инфраструктура и гасификацијата. Притоа ги спомена нашата инвестиција во терминал за течен гас во Александропули, гасната централа од 400 милиони евра и 370 милиони евра вредниот гасен терминал, како главни геостратегиски приоритети, посебно нагласувајќи ги и нафтените инвестиции и гасоводниот систем кој е важен за земјава како главна транзитна точка за гасот од Грција, Северна Македонија, Србија, Косово и оди кон Западна Европа, со што, како што нагласи, ќе се надмине монополот во областа на снабдување со гас.

-Сето ова влијае на намалување на цената на гасот, на стабилизирање на цената на електричната енергија, но и на потрошувачката, екологијата дома, заменувањето на фосилните горива. Огромни се проектите кои се развиваат со соседна Грција и тоа во сите области. Треба да знаат граѓаните дека веќе развиваме програми во кои создаваме Фонд за обновливи извори на енергија и следуваат сериозни предизвици за да го намалиме влијанието на климатските промени, посочи Заев.

Оцени дека земјава е понапред од повеќе европски земји во сферата на енергетската транзиција во постапките за затворањето на централите кои работат на јаглен.

Back to top button
Close