Јовески им порача на колегите да ги почитуваат медиумите и да одговараат на прашањата
Во натамошниот период во односот со медиумите, јавните обвинители задолжително да го почитуваат принципот на отвореност и правото на информирање, им порача јавниот обвинител Љубомир Јовески на колегите во изјава објавена денеска на интернет страницата на Јавното обвинителство.
„Јавниот обвинител на Република Северна Македонија, залагајќи се за доследно остварување на принципот на отвореност, правото на информирање и слобода на медиумите, укажува дека еден од основните принципи во работењето е транспарентноста и отчетното работење гарантирани во член 8 од Законот за јавното обвинителство и во Упатството за односи со јавноста. Медиумите се помош во работењето на јавното обвинителство, бидејќи често од нив се добиваат сознанија за конкретни постапки за извршени кривични дела, но и граѓаните преку нив се информираат за работата на јавното обвинителство. Јавноста треба и има право да биде информирана за работењето на јавните обвинителства. Поради тоа, во натамошниот период во односот со медиумите, јавните обвинители задолжително да го почитуваат принципот на отвореност и правото на информирање“, додава тој во изјавата.
Оваа изјава доаѓа откако вчера јавниот обвинител Артан Ајро одби на новинарите да им даде каква било изјава, велејќи дека постои прес-служба во Јавното обвинителство, а новинарите ги заобиколи и обвинителот Трајче Пеливанов.