Маричиќ на „Регионална агенда 2020-2030“: Интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ ќе ги отфрли сите нон-пејпери
Северна Македонија претрпе многу поради условите за пристапување на ЕУ, помина најмногу време во чекалната на ЕУ, направи многу храбри политички чекори, после декада на заробена држава, истакна денеска министерот за правда Бојан Маричиќ во онлајн вклучување на настанот „Регионална агенда 2020-2030“, кој се одржува деновиве во Херцег Нови – Црна Гора и порача дека ако Западен Балкан стане дел од ЕУ, тогаш може да се отфрлат сите нон-пејпери и идеи за прекројување на границите.
– Кредибилитетот на ЕУ мора да зајакне, за да не се отворат сите мировни договори на Балканот и да не се дискутираат различни нон-пејпери кои се многу ризични. Најмалку што можевме да очекуваме е старт на преговорите со ЕУ, нагласа Маричиќ.
Министерот истакна дека подобрата соработка на земјите од Западен Балкан во областите економија, образование и животна средина значително ќе им помогне на државите економски да зајакнат и да се доближат до европските стандарди, но дека сепак процесот на проширување е клучен за брза интеграција на Западен Балкан во ЕУ.
-Не сакаме да се чувствуваме како сцена од филмот „Бескраен ден“, кога стануваме секое утро и секој ден е исто – сакаме напредок и убедени сме дека ги заслужуваме. Почетокот на преговорите со ЕУ значително ќе влијае на темпото на реформите, а нашите граѓани ќе може тоа да го почувствуваат особено во областа на владеењето на правото, порача Маричиќ.