Радев – Пендаровски: Европската иднина на Северна Македонија има перспектива
Европската иднина на Северна Македонија има перспектива. Двете држави треба да работат со уште поголема доверба и дијалог, да ги решат работите заедно, изјави претседателот на Бугарија, Румен Радев, кој заедно со македонскиот претседател Стево Пендаровски е во Рим по повод чествувањето на сесловенските просветители Килрил и Методиј.
Радев уште еднаш повтори дека во разговорите за надминување на проблемот нема потреба од европски посредници. – Нема потреба европска земја да се вклучи, ќе ни треба преведувач. Зошто ни е преведувач?, рече Радев.
Тој нагласи дека Бугарија е подготвена да работи на градење мостови меѓу двете земји и на зближување на двата народа.
– Можам да ве уверам дека Бугарија е подготвена да работи на градење мостови меѓу двете земји, за развивање на економските, образовните, трговските и културните врски и за најважното, за зближување на двата народа, потенцира бугарскиот претседател.
Претседателот Пендаровски, пак, порача дека напредок и прогрес е возможен само ако во дијалог веруваат двајца рамноправни соговорници, без потценување, со меѓусебна почит.
– Тоа што сме денеска заедно со Радев не е случајно. Сакаме да покажеме дека и на Балканот има луѓе, политичари кои може да зборуваат со европски јазик, за предизвиците, но и за иднината. Во Радев најдов соговороник со кој можам да зборувам на ист јазик, европскиот, што може да донесе посветла иднина за нашите две земји, истакна Пендаровски.
Заедничкото чествување на Кирил и Методиј, шефот на македонската држава го нарече нова динамика во билатералните односи.
– Ова е една нова динамика во нашите билатерални односи која се надевам ќе биде продолжена, напомена Пендаровски.
Одговарајќи на прашање од бугарски новинар, Пендаровски рече дека го поддржува Договорот за пријателство и добрососедство со Бугарија од 2017 година, од збор до збор
2021-05-27 16:25:21, од Мирјана Чакарова