Да бидеме одговорни, да се почитуваат мерките – тоа единствен начин да се избегнат лошите сценарија, апелира Филипче

Мора да се подготвуваме за полоши сценарија. Но, верувам дека ако доследно се придржуваме до сите превентивни мерки, носењето маска, дистанцата, хигиената, овие лоши сценарија можат да се превенираат да не се случат. Примена на мерките за лична заштита, освен коронавирусот, ќе спречи и трансмисија и на други вируси во периодот што е пред нас. Затоа е битно да се заштитиме и самите од овој вирус, и останатите вируси и истовремено со тоа да се намали притисокот кон болниците.

Ова денеска на прес-конференција го истакна министерот за здравство Венко Филипче, кој апелира да бидеме одговорни, да се почитуваат мерките, бидејќи е тоа единствен начин да се избегнат овие лоши сценарија.

Согласно епидемиолошката состојба, посочи, на почетокот на септември го враќаме здравствениот сектор во нормален режим на работа.

– Веќе најавивме дека преку системот МојТермин сите јавно здравствени установи веќе креираат термини за прегледи и интервенции. Според планот што го изготвивме со Управата за електронско здравство, пациентите чии прегледи беа откажани, истите веќе ќе може да ги реализираат. Во здравствените установи почнуваат со работа специјалистички и супспецијалистички амбуланти, дијагностички кабинети, а ќе се реализираат и елективните хируршки програми кои поради состојбата со коронавирусот беа одложени. Прегледите и интервенциите ќе се спроведуваат согласно утврдениот план и протокол за работа. Во многу јавно здравствени установи практично тоа веќе функционира во однос на проверките на влезовите, мерење температура, задолжително носење заштитна опрема, рече Филипче на заедничката прес-конференција со министерот за образование и наука Арбер Адеми.

Филипче потенцира дека јавните здравствени установи имаат обврска за поставување дезинфициенси на влезовите како и јасни и видливи пораки за пациентите, да има одговорно лице кое што е задолжено да спроведува термален скрининг, епидемиолошка проценка, и редовна контрола над примената на превентивните мерки.

– Во здравствената установа ќе биде дозволен влез на лица со специјалистички и супспецијалистички упат 15 минути пред закажаниот термин за преглед, при што ќе биде дозволен влез само на уште еден придружник со задолжително носење маска секогаш во болничките установи. Апелирам до пациентите да се придржуваат до својот термин за да не се создаваат гужви пред амбулантите, а во однос на сите интервенции кои беа одложени се прават листи на пациенти со соодветен редослед, така како што биле одлагани пациентите да ја добијат потребната здравствена услуга, додаде Филипче.

Back to top button
Close