Јавна расправа во Кочани за прогласувањето на Осоговските Планини за заштитено подрачје

– Во Кочани се одржа првата од серијата јавни расправи со граѓаните, граѓански здруженија и претставници од институциите за предлог-актот за прогласување на дел од Осоговските Планини за заштитено подрачје – категорија 5.

Носител на проектот е Министерството за животна средина и просторно планирање во соработка со четири општини од Источниот плански регион и Македонското еколошко друштво, а со финансиска поддршка од Швајцарската агенција за развој и соработка преку Фармахем од Скопје.

-Очекувам до крајот на септември Владата да го усвои предлогот, особено што сите препораки од Европската комисија, особено во овој ковид период, е да се зголеми бројот на заштитени подрачја, а пандемијата дополнително покажа дека тие им се потребни на граѓаните. Во овој процес, Осоговските Планини како предел се во најнапредна фаза и верувам дека таа иницијатива успешно ќе се заврши и ќе се добие заштитено подрачје кое е од интерес за целата држава, а особено за населението кое живее во овој регион, истакна Јани Макрадули, заменик-министер за животна средина.

Освен во Кочани, слични јавни расправи ќе се одржат и во Македонска Каменица, Пробиштип и Крива Паланка, а целта е локалното население да биде информирано како ќе се одвиваат постојните активности во подрачјето и што ќе значи тоа за земјоделците, сточарите и за другите жители кои зависат од користење на природните ресурси.

Прогласувањето на Осоговските Планини за заштитено подрачје е еден од двата главни проекти од втората фаза на Програмата за зачувување на природата во Македонија, што со швајцарска поддршка се реализира веќе осум години. Исто така, во постапка е изработка на студија за валоризација на околината на Ченгино Кале во Малешевијата.

Back to top button
Close