Кривична за организаторот на концертот на Петар Грашо

Организаторот на концертот во Хераклеја кој се одржа на 20 август ќе добие кривична пријава, изјави денеска за Сител директорот на Државниот пазарен инспекторат, Стојко Пауновски.

Тој истакна дека инспекторите биле присутни до самиот крај на концертот, направиле записник и било утврдено дека не се почитуваат мерките. Како што вели Пауновски, Државниот пазарен инспекторат е присутен на сите поголеми настани кои се одржуваат, фотографираат од сите страни и прават проценка за почитувањето на протоколите. Инспекторите биле присутни цело време и на вчерашниот концерт на Жељко Бебек кој се одржа во Хераклеја, направиле записник и било утврдено дека се се одвива нормално според протоколите. Пред почетокот на вчерашниот концерт, преку разглас се повторуваше постојано да се носат маски, а редарска служба беше задолжена за спроведување на мерките.

Како што вели Пауновски, согласно овластувањата, инспекторите можат да укажат или да го предупредат организаторот, а за физичките лица е задолжена полицијата.

Од СВР Битола велат дека полицијата е присутна на секој концерт и е задолжена за одржување на безбедноста и јавниот ред и мир.

Инаку за концертот кој се одржа пред три дена во Хераклеја, вчера реагираше и министерот за здравство Венко Филипче кој ги повика надлежните да реагираат и соодветно да ги санкционираат одговорните. Имаше голем број реакции и од граѓаните на социјалните мрежи дека на концертот не се почитувале протоколите за носење маски и за одржување дистанца.

Back to top button
Close