Истражување: Децатата се најбезбедни дома и во училиштето, најчести дискриминации поради нивниот изглед
– Најголем дел од децата се чувствуваат дека припаѓаат во своето училиште, но сметаат дека не се посветува многу внимание на училишната хигиена. Најбезбедни се дома, а најчести дискриминации кои ги почуствувале во одредена ситуација е поради нивниот изглед, телесна тежина и боја на кожа и местото на живеење.
Ова го покажува истражувањето на Првата детска амбасада во светот Меѓаши во кое се опфатени 1077 деца, на возраст од 12 до 17 години од 78 градови и села од сите региони во државата.
Како што истакна денеска на прес-конференција координаторка на СОС телефонот за деца и младиници Јорданка Черепналкова-Трајкоска, децата го споделиле нивното мислење и гледиште за тоа колку нивните права се почитувани во нашата земја во седум различни области, како што е запознаеност со правата на детето, училишна средина, слободно време, безбедност и сигурност, дискриминација, рече Черепналкова-Трајкоска.
Во истражувањето се наведува дека 69,74 отсто од децата сметаат дека се чувствуваат дека припаѓаат во училиштето, почитувани се од страна на учениците (66,35 отсто), професорите и другите лица кои работат во училиштето (62,97 отсто) и би се обратиле на наставник/професор или друг возрасен доколку не се чувствуваат безбедно (74,62 отсто).
Значаен дел од децата пак, (60,62 отсто) сметаат дека не се посветува доволно внимание на одржување на хигиената во училиштето, вклучително и на хигиената во тоалетите, поради што некои од децата избегнуваат да ги користат (68,23 отсто).
Најголем процент од децата сметаат дека се хранат здраво (72,47 отсто), доволно спијат (81,91 отсто) и се физички активни (70,36 отсто). На најголем дел од децата (51,88 отсто) секојдневен оброк во училиштето им е некој вид печиво – ѓеврек, бурек, баничка..
Како што посочија на денешната прес-конференција децата членови на Меѓаши, значаен дел од децата секојдневно конзумираат брза храна (39,27 отсто), грицки (38,02 отсто) или нешто слатко како чоколадо (42,83 отсто).
Повеќе од половина од децата никогаш не јадат зеленчук, додека над една третина никогаш не јадат овошје додека се на училиште.
-За две третини од децата проблемот со загадениот воздух, особено во зимскиот период е секојдневие. Тие истакнуваат дека загадениот воздух во голема мера влијае на нивното физичко и ментално здравје, го ограничува нивното секојдневно функционирање и ги принудува да го поминуваат најголемиот дел од своето време затворени во домови, се наведува во истражувањето.
Десет отсто од децата наведуваат дека некогаш биле жртва на насилство, додека 21,85 отсто познаваат некој кој бил жртва на наислство. 42,24 отсто од децата се почуствувале дискриминирано во одредена ситуација, а меѓу најчестите причини за тоа се возраста, полот, финансиската состојба на нивното семејство.
Децата исто така наведуваат дека биле дискриминирани поради нивниот изглед, телесна тежина и боја на кожа, како и поради местото на живеење, нивниот стил на облекување или музика која ја слушаат.
Прес конференција на Меѓаши
Posted by MИА.mk on Понеделник, 07 септември 2020