Во Струмица одбележан Денот на независноста
– Со полагање цвеќе пред споменикот на Гоце Делчев во Струмица и читање револуционерна поезија од младите рецитатори при Домот за млади и деца „Благој Мучето“, беше одбележана 29 годишнината од осамостојувањето на државата.
За значењето на празникот говореше градоначалникот на Струмица, Коста Јаневски.
– Верификацијата на стремежот за осамостојување се случи на денешен ден во таа, по многу што историска 1991 година, кога македонскиот народ го рече референдумското ,,ДА“ за самобитната иднина на својата земја. На референдумот му претходеше Декларација за независност, што на 25 јануари истата година ја донесе првото повеќепартиско Собрание на Република Македонија, рече Јаневски.
По повод Денот на независноста вечер во Струмица традиционално почнува Фестивалот на камерен театар „Ристо Шишков“, кој се одржува по дваесет и осми пат во чест на бардот на македонското глумиште.