Џафери му се заблагодари на Ручи за честитката за неговиот реизбор

– Спикерот на македонскиот Парламент Таљат Џафери, упатил писмо на благодарност до неговиот албански колега Грамоз Ручи, по повод упатената честитка за неговиот реизбор, оценувајќи при тоа дека „никогаш не му недостасувала поддршка од Албанија“.

Понатаму, тој во писмото посочува дека со помош на Албанија, Албанците во Северна Македонија стануваат важен фактор за демократизација и европеизација на земјата.

– Никогаш не ни недостигаше вашата поддршка и со ваша помош, Албанците од Северна Македонија, полека но сигурно, стануваат важен фактор за зајакнување на демократската држава и европеизација на земјата. Благодарение на одличната соработка за време на последниот мандат, успеавме да ја зајакнеме врската Тирана – Скопје и оваа соработка нема да изостане ниту за наредниот четиригодишен мандат. Ти благодарам за поканата и се надевам дека ќе се видиме наскоро во Тирана, пишува Џафери во писмото до Ручи, кое го пренесуваат албанските медиуми.

Во честитката, што веднаш по реизборот му ја упати на Џафери, Ручи меѓу другото неговиот повторен избор го оценува како потврда за зрелоста и еманципацијата на албанската политичка елита во Република Северна Македонија.

Исто така, изкажува убеденост дека „многу успешната соработка помеѓу Собранието на Република Албанија и Собранието на Република Северна Македонија ќе продолжи многу наскоро“ и со задоволство го поканува во официјална посета на Албанија.

Џафери во посета на Албанија беше на 17 февруари минатата година, во рамки на разгледувањето на Протоколот за пристапување на Северна Македонија во НАТО во албанскиот Парламент.

Тој имаше средба со неговиот колега Ручи, а учествуваше и на пленарната седница на албанскиот Парламент, на која беше ратификуван Протоколот за пристапување на нашата земја во НАТО.

Back to top button
Close