Арсовски: Министерката за култура треба да си поднесе оставка бидејќи се срами и ја цензурира сопствената култура

Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Димче Арсовски истакна дека вчера, народот бил згрозен од изјавата на министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска која според него на граѓаните им кажала дека треба да живееме како во Орвеловата „1984“, цензурирано.

„Министерката за култура меѓу редови кажа што содржи и што предвидува Протоколот кој што го усогласија владата на СДСМ и Бугарија. Секое она дело кое што ќе обработува содржина која според бугарската страна е оценето како говор на омраза нема да биде поддржано со државни средства“, вели Арсовски.

Тој вели дека она што го прави власта во моментот е класичен тоталитаризам бидејќи се цензурира говор и се ограничува творечката мисла на уметниците.

„Г-ѓо министерке, дали вие воопшто знаете колку творечки дела, филмови, песни, романи се создадени и се поврзани со тематиката од втората светска војна или историјата на македонскиот народ, која што сега е оспорувана од страна на Бугарија? Дали знаете или не знаете? Очигледно не знаете и тоа е уште поголем срам за вас како министерка.Замислете никој во светот не ограничува творечка мисла на уметниците“ вели Арсовски.

Дополнително, вели дека СДСМ се откажал од сите историски филмови но и од се што е македонско.

 

„Да биде срамот поголем министерката освен што сугерира забрана на творби со историска содржина, таа дава една бедна квалификација за досегашното творештво на автори како Петре М Андреевски кои имаат историски наратив, нарекувајќи ги мрачни времиња. Да го квалифицирате творештвото на Петре М Андреевски како мрачно, мора да не сте прочитале ниту една книга од него, да не се чувствувате како Македонец и да се срамите од вашата култура. Тие мрачни времиња кои што сега ги споменувате ги живееле нашите предци, за ние денеска да живееме во независна Република Македонија, која што вие како СДСМ и влада се обидувате да ја распродадете“ истакна Арсовски.

Арсовски вели дека министерката нема никаква врска ниту со творештво, ниту со дела, ниту пак со култура и дека нејзината функција е залудна.

„Срамно и бедно! После ваков скандал Стојчевска треба да си поднесе оставка, бидејќи министерка што се срами и ја цензурира сопствената култура, не може да биде министерка на Република Македонија. Срамно и бедно, може да биде само министерка која што одработува за туѓи интереси“ вели Арсовски.

Министерката за култура Бисера Костадиновска – Стојчевска вчера, изјави дека Протоколот потпишан со Бугарија не е пречка за домашното творештво, но, истовремено посочи да се твори во духот на она што ќе го расположи народот по што следуваа лавини реакции

 

„Министерството за култура нема да ја има улогата на полицаец и толку будно да демне кој што ќе направи. Слободата на уметникот е голема и тој има право да се изрази, никој нема право тоа да го ограничи во ниту еден момент. Слободно сите нека творат, но да се твори во духот на она што ќе го расположи народот и публиката, а не што народот повторно ќе го врати назад во едни мрачни времиња, кадешто навистина не видовме ништо добро. Секој филм којшто ќе ја промовира македонската култура, македонскиот индивидуалитет, какви сме ние како Македонци, би требало да ја има поддршката. Но, сепак, мора да бидеме свесни дека мора да одиме напред, мора да се ослободиме и дека историјата не смее повеќе нас да ни биде затвор, треба да ни биде лекција“ порача министерката во изјава за Гласот на Америка.

Back to top button
Close