Арсовски: Шилегов среде рецесија вработува 135 партиски војници во град Скопје

Скопскиот градоначалник, како што тврди опозицијата, ќе ангажира и личен возач, откако претходниот негов возач бил унапреден во стручен соработник. Исто така, предвидено е и работно место раководител на одделение за европски интеграции

Во период на рецесија Советот на град Скопје, на предлог на градоначалникот Петре Шилегов, одобрил 135 нови вработувања во градската администрација, обвини денеска ВМРО-ДПМНЕ .

Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски, вели дека станува збор за вработувања на раководители, советници, соработници – на определено време, а скопскиот градоначалник ќе добие и личен возач.

„Тоа се 135 плати за раководители, соработници, советници на Шилегов што ќе ги плаќаат граѓаните. Еве, дури се нашло и место за личен возач на Шилегов, иако во Градот Скопје, по претходна изјава на самиот Шилегов имало вработени дури 19 возачи. Илустрација за тоа колку Шилегов се однесува расипнички, арогантно и одлепено од реалноста е тоа што претходниот личен возач е унапреден во стручен соработник за висока плата во градско претпријатие, а еве сега се отвора ново место за негов возач“,вели Арсовски.

Според него, Шилегов на определено време ќе вработи и раководител на одделение за европски интеграции, поточно, како што наведува, измислено место во градот.

„По потрошените половина милион евра за макети во Зоолошка градина и украсување со лански лампиони, никој не знае колку ќе чини годишно вработувањето на овие 135 лица во Градот Скопје, нормално, сите избрани по партиски клуч од СДСМ. Шилегов треба да излезе и да ја објасни неопходноста од вработување на овие 135 лица на определено време, среде корона, среде рецесија и во услови кога 55 илјади лица ги загубија работните места претежно во приватниот сектор“,вели Арсовски.

Back to top button
Close