Бектеши контра Васко Ковачевски – струјата за домаќинствата може и да не поскапи од Нова година


Ако се реализира планот за производство од ЕСМ во последната четвртина од годината и ако се реализира и планот за снабдување со разни енергенси со цени кои ги имаме моментално, тогаш нема да има поскапување на цените на електрична енергија, како што може да предвидуваат експертите и раководителите на институциите – кажа министерот за економија Крешник Бектеши во гостувањето во „360 степени“ на ТВ Алсат.

Бектеши вели дека изјавите на првиот човек на ЕСМ Васко Ковачевски во кои тој кажа дека се очекува струјата за домаќинствата да поскапи од јануари се дадени според информации на ЕСМ базирани на производството на електрична енергија, но уверува дека доколку се реализира планот на ЕСМ за последниот квартал од годината, постои можност поскапување да се избегне.

„Ако се реализира планот за производство од ЕСМ во последната четвртина од годината и ако се реализира и планот за снабдување со разни енергенси со цени кои ги имаме моментално, тогаш нема да има поскапување на цените на електрична енергија, како што може да предвидуваат експертите и раководителите на институциите. Кога велам дека може да нема раст на цената на струја, треба да се вратиме на последните одлуки. Ние сме поставиле различна тарифа од тоа што било тарифирано за електричната енергија. Сега има блок-тарифи каде праведно, отворено е поставено дека тие што трошат помалку, ќе плаќаат помала цена, а оние што трошат повеќе, тие ќе плаќаат повеќе“,
вели Бектеши.

Тој повтори дека сите граѓани и општеството треба да се обидат да заштедат струја, бидејќи на овој начин се намалува притисокот врз ЕСМ во производството на количества електрична енергија што се трошат на регулираниот пазар. На овој начин, вели Бектеши, може дополнително да се поддржат и основните и средните училишта, но и други институции кои се од голема важност и на општините и на централните институции.

Инаку, директорот на Електрани, Васко Ковачевски, во гостување во емисијата „360 степени“ емитувана на Алсат на 16 септември 2022 г. кажа дека тој очекува зголемување на цената на електрична енергија од почетокот на јануари следната година како резултат на зголемените трошоци на производство и зголемените цени на енергенси, но и дека се прават сите напори евентуалното поскапување да биде мало, минимално или благо.

Back to top button
Close