Бесими – Паолучи: До Владата ќе го доставиме законот што ќе овозможи реализација на проектот за итно справување со КОВИД-19
Мерките и политиките што се преземаат за поддршка на одржлив и инклузивен раст, се клучни во услови кога се соочуваме со најголемата економска криза досега предизвикана од Ковид 19. Во овој дел од голема важност е четиригодишната стратегија за партнерство што Република Северна Македонија ја има со Светска банка, рече министерот за финансии Фатмир Бесими на првата официјална средба со директорот на Светска банка за земјава, Масимилијано Паолучи којашто се одржа онлајн.
На средбата се дискутираше за тековните и идните проекти предвидени со четиригодишната стратегија, за проектите за справување со пандемијата, како и воопшто за политиките коишто ги презема Владата за справување со економската криза предизвикана од коронавирусот.
Министерот Бесими информира дека Министерството до Владата ќе достави Предлог-закон за задолжување за проектот за итно справување со КОВИД-19. Станува збор за заем од 90 милиони евра со кој ќе се опфати здравствениот сектор, ќе се обезбеди привремена поддршка за социјална помош и привремена поддршка за надоместок во случај на невработеност. Во делот на здравствениот сектор, проектот е насочен кон подобрување на дел од здравствените установи, но и обезбедување лабораториска опрема и истиот е од големо значење за зајакнување на јавното здравство и справување со предизвикот од оваа пандемија.
Воедно, ќе се усвои и Законот за задолжување за проектот за енергетска ефикасност во јавниот сектор, во висина од 25 милиони евра. Средствата од заемот ќе се доделуваат на општините и на јавните здравствени установи за инвестиции во подобрување на енергетската ефикасност на јавните згради. Истиот ќе се спроведува преку проектната единица на Министерството за финансии за подобрување на општинските услуги – МСИП, со поддршка од Светска банка.
На средбата се дискутираше и за Проектот за модернизација на земјоделството во износ од 50 милиони евра, од кои 46 милиони се заем од Светска банка, а 4 милиони евра грант од ЕУ, чијашто реализација ќе се овозможи по усвојување на Законот за задолжување кој исто така е во собраниска процедура. Проектот опфаќа изградба на откупно-дистрибутивни центри, изградба на кафилерија за собирање и еколошка преработка на нуспроизводите од животинско потекло и заштита на средината, како и ново софтверско решение за евиденција и пристап до сите информации за секоја парцела. Истиот го спроведува Министерството за земјоделство и веќе е одобрен од страна на Светска банка.
Паолучи потенцира дека Светска банка и понатаму ќе ја поддржува нашата земја преку инвестиции во патната и енергетската инфраструктура, во развој на човечкиот капитал како и во делот на обезбедување подобар пристап до социјалните услуги.