Битиќи: Владата ќе направи максимални напори за поддршка на угостителството и туризмот

– Угостителството и туризмот сé уште се далеку од посакуваното ниво, но Владата ќе направи максимални напори да ги поддржи вработените и компаниите од овие сектори и да зачува колку што е можно повеќе работни места за граѓаните, рече вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи на денешната средба со претставниците на Независната угостителска комора (НУК).

Битиќи информира дека четвртиот сет економски мерки интензивно се подготвува, ќе биде сеопфатен и ќе им пружи вистинска поддршка токму на оние кои имаат потреба.

-Владата уште од самиот почеток, имајќи го предвид глобалното влијание на пандемијата, како и ограничувачките мерки за заштита и превенција од ширењето на КОВИД 19, ги детектираше угостителскиот и туристичкиот како сектори кои би можело да имаат најсериозни негативни последици. Токму заради тоа, креираше три сета мерки чиј главен фокус беше ставен токму на поддршката на угостителскиот и туристичкиот сектор, но и на сите други компании кои бележеа загуби поради пандемијата, истакна Битиќи.

Според вицепремиерот, бизнис секторот позитивно одговори на креираните мерки.

-Компаниите од угостителството и туризмот се јавуваат во најголем број како апликанти за бескаматните кредити што се доделуваат преку Развојната банка, а со кои се одржа ликвидноста на компаниите, голем број компании од овие сектори ја искористија и можноста да аплицираат и да ја добијат поддршката за исплата на минималната плата за своите вработени, со што се зачуваа огромен број на работни места, додека преку ваучерите за купување домашни производи и за домашен туризам, дополнително се раздвижија и угостителствот и туризмот, рече Битиќи на средбата со претставниците на НУК.

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close