Бојан Василевски генерален секретар на Собранието, верификуван мандатот на пратеникот Мухамед Кадриов

Со 61 глас „за”, 22 „против” и без воздржани на денешната 28. собраниска седница беше донесена одлука за именување на Бојан Василевски за заменик на генералниот секретар на Собранието.

На ова реагираше пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ која не ја поддржа предлог-одлуката.

– Ние реагираме по однос на овој предлог бидејќи се работи за исклучиво партиско решение и едноставно СДСМ на овој начин продолжува со водење чекор назад по однос на департизација на институциите, рече пратеничката Дафина Стојановска од ВМРО-ДПМНЕ.

На собраниската седница беше верификуван мандатот на пратеникот Мухамед Кадриов.

Собранието денеска ја донесе и одлуката за именување на член на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата. Донесени беа и други одлуки – одлуката за избор на шеф , членови и заменици членови на Делегацијата на Собранието во Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПС СЕ), одлуката за избор на шеф, членови и заменици членови на делегацијата на Собранието во Парламентарното собрание на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ПС ОБСЕ), одлуката за утврдување состав на Делегацијата на Собранието во Интерпарламентарната унија (ИПУ).

Собранието ги донесе и одлуките за избор на шеф, членови и заменици членови на Делегацијата на Собранието во Парламентарната димензија на Централноевропската иницијатива (ПД ЦЕИ), за избор на шеф, членови и заменици членови на делегацијата на Собранието во Парламентарното собрание на Северноатлантската договорна организација (ПС НАТО), за избор на шеф, членови и заменици членови на Делегацијата на Собранието во Парламентарното собрание на Медитеранот, за утврдување на составот на Делегацијата на Собранието на во Парламентарното собрание на Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПС ПСЈИЕ).

Собранието ја донесе и одлуката за избор на претседател, потпретседатели, членови и заменици – членови на Делегацијата на Собранието во Парламентарниот комитет за стабилизација и асоцијација. Донесена е и одлуката за именување на претседател, потпретседател, членови и заменици – членови на Националниот совет за евроинтеграции, како и одлуката за изменување и дополнување на Одлуката за основање делегации, пратенички групи и други облици на остварување на меѓународна соработка на Собранието.

На седницата беа донесени и измените и дополнувањето на Законот за централен регистар и Законот за издавање обврзници за денационализација.

Седницата беше прекината бидејќи за другите точки не се создадени услови за работа, а продолжение дополнително ќе биде закажано. Во рамки на оваа седница по скратена постапка на дневен ред е предлог закон за реализација на проектот за нов Универзитетски клинички центар.

Back to top button
Close