Честитка од Макрон до Пендаровски по повод Денот на независноста
– Претседателот на Република Франција, Емануел Макрон по повод 8. Септември, Денот на независноста, упати честитка до претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски.
–Дозволете ми во име на Франција и во мое лично име да Ви го честитам националниот празник на Република Северна Македонија. Ја искажувам и целата моја солидарност како и солидарноста на францускиот народ кон македонското население кое исто така е погодено од пандемијата со Ковид-19. Ви ја упатувам и мојата срдечна благодарност за помошта при репатријација на француски и европски државјани на почетокот на кризата. Европската Унија, одобрувајќи повеќе од 3 милијарди евра за помош на земјите од Западен Балкан со соочувањето со оваа криза без преседан, ја покажа својата целосна посветеност за овој регион, пишува во честитката Макрон.
Францускиот претседател посакува билатерални односи на двете земји да продолжат да се зајакнуваат.
-Француската стратегија за Балканот предвидува засилена поддршка на Франција за економски и социјален развој на регионот, благодарение на претстојните активности на Француската агенција за развој во Северна Македонија на поле на трајниот развој, посочува Макрон во честитката.
Оваа 2020 година, како што пишува францускиот претседател, беше важна етапа во евро-атлантското приближување на Северна Македонија, која стана 30-та членка на Атлантската Алијанса, на 27 март 2020 година. Тој ја поздрави одлуката од 25 март на Советот на Европската Унија за отворање на преговорите за членство на вашата земја.
-Бидете убеден дека ја имате целата моја поддршка за европската перспектива на Северна Македонија. По одлуката на Советот од 25 март, посакувам што побрзо да се утврди преговарачката рамка. Франција ќе следи дали истата сооодветно ја одразува новата методологија за проширување и ќе продолжи да ги поддржува неопходните реформи за постигнување напредок на Северна Македонија кон Европската Унија, особено на поле на владеењето на правото кое е во сржта на европските вредности, пишува во честитката францускиот претседател Макрон.