Честитка од премиерот Заев за католичкиот Божик
Божик е еден од најсветлите празници, носи нов живот, нова надеж за подобро утре за секој човек и за секое семејство, а годинава го славиме во посебни услови кои на светско ниво ги донесе пандемијата на КОВИД-19, напиша претседателот на Владата Зоран Заев во честитка до бискупот скопски и апостолски егзарх Киро Стојанов по повод Христовото раѓање – Божик кој денеска го прославуваат католичките верници.
– Овој голем христијански празник секогаш ги повикува луѓето да се огледаат во делото и учењето на Исус Христос, како најинтимен и најрадосен момент во душата на секој верник, при што во мир и со спокоен дух заедно да го победиме злото и да го преобразиме во добро. Соочени со моќен непријател, но водени од Христовата љубов да се потсетиме на потребата да бидеме достојни верници и чесни луѓе, да живееме скромно и правично, а овие светли денови да ги славиме во кругот на домот за да се заштитиме себеси и здравјето на нашите ближни, истакнува премиерот Заев и апелира и за време на празниците да се почитуваат здравствените препораки.
Нагласува дека божиќните празници поттикнуваат на човечко милосрдие, на добри дела, на разбирање еден со друг и на љубов во семејствата, помеѓу соседите и пријателите и севкупно во нашата држава.
– Нека е честит и благословен големиот христијански празник – Божик! Христос се роди! Навистина се роди! Останете дома во добро здравје, имајте среќни празнични денови меѓу своите сакани, пишува Заев во честитката по повод католичкиот Божик.