Ципрас ѝ честиташе на грчката Влада за фразата „историскиот Договор од Преспа“, грчкото МНР ја корегираше заедничката изјава Грција-САД и ја избриша придавката

Фразата „Историскиот Договор од Преспа“ во заедничката изјава Грција – САД, по коментарот на лидерот на СИРИЗА Алексис Ципрас, беше променета во „Договорот од Преспа“ и избришана придавката „историски“, јави дописничката на МИА од Атина.

-(САД и Грција) ја потенцираат континуираната важност на историскиот Договор од Преспа, по што следеше и членството на Северна Македонија во НАТО, притоа истакнувајќи ја важноста на доследната имплементација на договорот со добра волја, пишуваше во заедничката изјава Грција – САД во делот посветен на регионалната соработка, што претпладнево грчкото МНР ја испрати до медиумите, но и ја објави на официјалниот сајт, по средбата на шефот на грчката дипломатија Никос Дендиас со американскиот државне секретар Мајк Помпео.

Лидерот на СИРИЗА Алексис Ципрас на крајот од неговиот говор за време на седницата во Парламентот посветена на целосно друга тема, односно на расправа за предлог закон од Министерството за финансии, не испушти да ја коментира конкретната фраза „историскиот Договор од Преспа“.

Ципрас рече дека мора да им честита на Мицотакис и на Владата што се согласуваат дека станува збор за историски договор.

-Пред да заминам од говорницата, да не испуштам, Дами и Господа од Владата и парламентарното мнозинство, за веќе да не велите дека постојано сум строг и нељубезен со вас, да ѝ честитам на вашата Влада и лично на господинот Мицотакис за заедничката изјава на министерот за надворешни работи, господинот Дендиас со неговиот американски колега за стратешката соработка Грција -САД, која беше денеска објавена, секако непреведена, на официјалниот сајт на Министерството за надворешни работи и во кое, како грчката, така и американската Влада, заедно го поздравуваат, како што велат, историскиот Договор од Преспа, рече Ципрас, пренесе МИА.

Лидерот на СИРИЗА, ѝ порача на Владата дека „сега кога сите се согласуваме дека е историски договорот“, да ги донесе за ратификација во Парлаламентот трите договори со Северна Македонија и секој од 158-те пратеници на Нова демократија да гласа позитивно, повторувајќи го неговиот став дека тоа ќе бидат и 158 „извини“.

По коментарот на Ципрас и речиси пет часа по првото соопштение, Министерството за надворешни работи на Грција објави корекција на заедничката изјава Грција -САД за разгледаниот стратешкиот дијалог на високо ниво меѓу двете земја, во која беше избришан зборот „историски“ пред Договорот од Преспа.

За новата заедничка изјава, со соопштение реагираа од опозициската СИРИЗА, велејќи дека досега не се случило „дипломатијата на земјата да ги моли САД да издадат ново коригирано заедничко соопштение и да го избршат зборот историски, што ги потврдува подбивот и предизборните лаги на Мицотакис“.

Back to top button
Close