ЦУК: Активни се шест пожари на територијата на земјата
Пожарот на територијата на Општина Желино, кој се движеше во правец на Еребино, во моментов е под контрола, извести Центарот за управување со кризи. Оваа стихија, во еден дел од денот, предизвика и затворање на регионалниот пат од Скопје кон Тетово, а возилата беа пренасочувани по автопатот Скопје-Тетово. Засега нема нови информации во однос на сомнежот на градоначалникот, дека пожарот бил подметнат.

Состојбата и понатаму се следи внимателно, а екипите остануваат на терен сè додека не се елиминира целосно ризикот од повторно активирање, велат од центарот за управување со кризи.
Иако соопштија дека пожарот во Желино е под контрола, предмалку ЦУК објави преглед на сите пожари на територијата на земјата, а меѓу активните е вбројан и тој во Желино. Еве го целиот список на активни пожари:
- Општина Василево: с. Нивичино (нискостеблеста шума)
- Општина Македонски Брод: с. Грешница (мешана шума и ниска вегетација)
- Општина Прилеп: помеѓу селата Царевиќ и Смолани (мешана шума и ниска вегетација)
- Општина Велес: кај селата Џидимирци – Крушје – Иванковци (мешана нискостеблеста деградирана шума); поради силен ветер повторно активиран, со краци во неколку правци
- Општина Желино: (шумски пожар)
- Општина Македонски Брод: помеѓу с. Црешнево, с. Локвица, с. Крапа (деградирана дабова шума, грмушки и ниска вегетација); повторно разгорен поради силен ветер
Како пожар под контрола се води тој кај тетовско Фалише. Уште 18 други се водат како изгаснати.
