Дали најдобрите градоначалници во Македонија ќе бидат повторно кандидати?

Во пресрет на претстојните локални избори кои треба да се одржат на есен, партиите ги започнаа теренските подготовки за избор на нивните најдобри кандидати кои би им донеле победа на локалните избори во октомври.

Анализите од последните месеци покажуваат константно висок рејтинг на актуелните градоначалници Максим Димитриевски, Митко Јанчев и Арбен Таравари, кои според последното истражување кое го спроведе МЦМС во текот на месец април важат за најпопуларни градоначалници во државата.  Според оваа анкета 10,5% од испитаниците се изјасниле за Јанчев, 7,5% за Таравари односно 6,8% од испитаниците за актуелниот градоначалник на општина Куманово Максим Димитриевски.

 

Дали Димитриевски, Јанчев и Таравари ќе бидат кандидати за градоначалници на овие избори и дали нивните матични партии ќе застанат зад нивната кандидатура или пак ќе одат како независни кандидати? Неизвесно е и дали СДСМ ќе ја даде поддршката на својот сопартиец Димитриевски во Куманово и дали ќе добие поддршка за нова партиска кандидатура, откако во последниот период партијата покажа повеќе негативни политики на елиминирање на непослушните во партијата, иако Димитриевски е еден од ретките градоначалници од редовите на СДСМ кој високо котира кај граѓаните на сите анкети.

 

Кумановскиот градоначалник Димитриевски води пред неговите сопартијци во Куманово со убедлива разлика и е несомнено дека ја ужива довербата кај мнозинството граѓани. Според податоците на една од анкетите кои беа спроведени во текот на февруари и март, 52,8 проценти од испитаниците би го дале својот глас за Димитриевски доколку побара втор мандат на претстојните локални избори, а 67,5% од вкупниот број испитаници одговориле дека имаат доверба во градоначалникот Димитриевски.

Значително поголем е процентот граѓани кои имаат негативно мислење за пратеникот Мартин Костовски од редовите на СДСМ чие име во јавноста кружи како можен кандидат за градоначалник на претстојните локални избори во Куманово. За него, на истата оваа анкета се изјасниле 30,4% позитивно, односно 34,3% негативно.

 

На прашањето „За кого би ја дале вашата поддршка како кандидат за градоначалник на претстојните локални избори наесен?” од понудените имиња меѓу кои се градоначалникот Максим Димитриевски, Бране Петрушевски, пратеник во Собранието на РСМ од ВМРО-ДПМНЕ, Мартин Костовски – пратеник од редовите на СДСМ и претседател на општинската организација на СДСМ, Оливер Илиевски – директор на Водостопанство Куманово, Илир Хасани – Заменик министер за здравство во Влада на РСМ, 47,9% од испитаниците одговориле дека својот глас би го дале на Димитриевски, 2,5% за Мартин Костовски, 3,8% од испитаниците би гласале за Бране Петрушевски, 0,7% за Илиевски, а 7,5% од вкупниот број испитаници велат дека би гласале за Илир Хасани.

Важно е да се напомене и дека резултатите од овие истражувања покажуваат дека граѓаните несомнено ја даваат поддршката, како за Димитриевски, така и за Митко Јанчев и Таравари, трите најдобри градоначалници во државата без разлика дали тие би оделе како партиски кандидати или пак ќе се одлучат на следните избори да се кандидираат како независни кандидати за градоначалници.

Back to top button
Close