ДИЦ ги привршува подготовките за државната матура, на 5 јуни се полага првиот екстерен испит

– За 15-ина дена 15 294 средношколци ќе го полагаат првиот екстерен испит од државната матура – мајчин јазик, кој е задолжителен за сите кандидати. Шест дена подоцна ќе бидат тестирани и за вториот екстерен испит кој е изборен. Откако минатата година матурата не беше организирана поради пандемијата, Државниот испитен центар (ДИЦ) е во завршни подготовки за годинава да ја реализира успешно и во КОВИД-услови

Утврден е здравствен протокол за деновите на полагањето, околу 2000 тестатори ќе бидат целосно вакцинирани, а за матурантите кои на испитите на 5 и 11 јуни ќе имаат коронавирус или ќе бидат во изолација, овозможени се дополнителни термини на 25 и 28 јуни, со приложување потврда до училишните комисии.

Скратени се и испитните програми за предметите опфатени со матурата (екстерни и изборни) што, покрај намалувањето на бројот на екстерни испити од три на два, беше, исто така, меѓу барањата на Средношколскиот сојуз и прифатено од Владата во февруари.

-Подготвени се прашањата и привршуваме, по некои предмети сме веќе готови. Отпечатени се и спакувани за првиот ден, на 5 јуни – за мајчините јазици. Чекаме да дојде денот за полагање на матурата, да се дистрибуираат утрото до училиштата со специјална придружба, изјави директорката на ДИЦ Елизабета Наумовска за МИА.

Според податоците на ДИЦ, од 15 294 кои се пријавиле за државна матура во оваа учебна година, 7050 се од гимназиско образование, 7983 од средно стручно образование и 261 од средно уметничко образование. Сите тие ќе го полагаат предметот мајчин јазик – македонски јазик и литература ќе полагаат 10 848 кандидати, албански јазик и литература 4078, а 272 турски јазик и литература.

За вториот, изборен екстерен испит, на 11 јуни, математика избрале да полагаат 1529 матуранти. Како и во минатите години, повеќе се определиле за странски јазик, а најголем број пријавени има за англиски (13 452). Германски јазик ќе полагаат 140, француски јазик 32, руски јазик 18.

Математика и странски јазик се избор за учениците од гимназиското и од стручното образование, додека за учениците во училиштата од уметностите – странски јазик е во алтернација со филозофија (во училиштата за ликовно образивание и има 14 пријавени) и со естетика (во училиштата за музичко образование и се пријавени 66 кандидати).

Според наставниот јазик, на македонски на 11 јуни се пријавени да полагаат 10 886 матуранти, на албански 4134 и на турски наставен јазик 274.

Ќе има околу 300 набљудувачи и 2000 наставници тестатори, кои на 4 и 5 мај беа вакцинирани со прва доза, на 25 и 26 мај ќе ја примат и втората и до првиот испит ќе имаат имунитет. Според протоколите, најмногу 15 ученици е дозволено да бидат во училница, самите училишта ќе предложат по колку можат да сместат на испитите и во некои бројот ќе биде помал од овој максимум.

Резултатите ќе бидат објавени во рок од 30 дена од последниот (вториот) екстерен испит. Тие што нема да ја положат матурата во јуни или не во целост, ќе имаат втора можност во августовската сесија – термините се 11 август за првиот екстерен и 13 август за вториот екстерен испит.

Годинава матурантите имаат два интерни наместо еден, односно третиот екстерен, на барање на Сојузот на средношколци, е трансформиран – спуштен на ранг на интерен. Наумовска рече дека сите училишта треба да ги објават и базените со прашања за секој предмет за интерните испити – (според постигнатиот договор треба да има меѓу 60 и најмногу 100 прашања) околу три недели пред испитот. Интерните ќе бидат организирани до крајот на јуни, откако ќе завршат со екстерните, односно по 11 јуни училиштата самите ќе направат распоред за нивното полагање.

Двата интерни испита матурантите ги избираат од Листата на наставни предмети која ДИЦ ја објави на својата веб-страница. Таа содржи 14 предмети за гимназиското образование, седум за стручното и четири за уметничкото образоване.

Покрај два екстерни и два интерни испита, матурантите имаа обврска и за изработка на проектна задача која, според календарот, се реализираше од 15 март до 30 април и е веќе завршена.

Средношколците во завршна година во учебната 2020/2021 до крајот на декември пријавија дека ќе полагаат државна матура, а по компромисот за измени на концепцијата, на барање на Средношколскиот сојуз, тие одново се пријавуваа од 22 февруари до 5 март за да ги променат предметите што ќе ги полагаат.

Државниот испитен центар паралелно почна и со подготовки и консултации за изработка на нова концепција за државна матура која би се применувала од наредната учебна година. Формирана е работна група од 15 членови, меѓу кои и тројца средношколци, а од Светска банка е ангажиран и експертот за евалуација во образованието Џорџ Бетл, кој работеше и на подготовката на актуелната концепција за матура.

Идејата за нова концепција е поинакви видови државна матура за гимназиското, за стручно и за уметничко образование, затоа што според актуелната концепција сите ученици, генерално, имаат иста листа на изборни предмети.

Директорката на ДИЦ за МИА соопшти дека веќе има работна верзија односно зацртана рамка како би изгледала новата концепција, но допрецизирање треба за избор на моделот на матура за стручното образование со оглед дека има шареноликост на струки и профили и ќе треба испитување на вештини на учениците. Посочи дека за новините ќе организираат јавна расправа за да ги слушнат мислењата на сите засегнати страни.

Хатка Смаиловиќ

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close