Директорот на штипската гимназија обвинува за притисоци од новата локална власт

Во штипската гимназија инвестирани се 12 милиони денари. Средствата се искористени за набавка на наставно – образовни средства, меѓу кои лаптопи, електронски табли со ЛЦД проектори, спортски реквизити и други помагала за предметите од природно-техничките науки, информираше денеска директорот на СОУ „Славчо Стојменски”-Штип, Тамер Јамаковски.

-Поставени се нови прозорци и врати во училниците, а во моментов се работи на целосно санирање на санитарните јазли, извршено е целосна промена на внатрешното осветлување, со поставување на лед, штедливи светилки во училниците и училишните ходници. По цели 60 години во сите училници извршена е промена на подната подлога, вели Јамаковски.

Посочи дека дворот на училиштето е комплетно уреден, а реконструирано е игралиштето за кошарка, согласно сите стандарди на ФИБА, како и одбојкарското игралиште, кои освен учениците можат да ги користат и сите рекреативци.

-Сакам да ја информирам јавноста дека со грубо прекршување на законски прописи, деловник за работа и други прописи, со најдиректен притисок и закани кон членовите на Училишниот одбор и на Советот на родители од страна на новата локална власт и кабинетот на градоначалникот се настојува да бидам разрешен, иако за тоа нема никаков основ. Со ова целосно се наршува работната атмосфера во колективот, со омаловажување на кадарот, вели Јамаковски, порачувајќи дека дека ќе ги искористи сите законски средства.

Одговор на денешната прес-конференција на директорот на штипската гимназија пристигна и од кабинетот на градоначалникот на Општина Штип. Во кој се вели дека Општина Штип се уште нема добиено допис, односно известување во врска со седницата и одлуките на Училишниот одбор во СОУ Гимназија „Славчо Стојменски”- Штип.

–Точно дека пред неколку недели добивме известување од страна на Државниот просветен инспектор за утврдени неправилности во работата на директорот на горенаведеното училиште, меѓутоа законот е доста јасен и до детали ги определува чекорите кои следуваат. Откако ќе добиеме официјално известување од страна на Училишниот одбор, Општина Штип ќе даде конкретен одговор на тоа што директорот го презентира во неговата прес-конференција. Детали околу овој случај, може да даде Училишниот одбор на СОУ „ Славчо Стојменовски”- Штип, се вели во писменото соопштение од кабинетот на градоначалникот на Општина Штип

Back to top button
Close