Јеронимос: Да можев, и јас ќе бев меѓу првите кои ќе се вакцинираат
Иако би сакал да бидам и јас меѓу првите што ќе ја примат вакцината, лекарите не ми дозволуваат, вели поглаварот на Грчката православна црква архиепископот Јеронимос по средбата со министерот за здравство на Грција, јави дописничката на МИА од Атина.
Архиепископот Јеронимос поради тоа што веќе беше заразен со Ковид-19 и хоспитализиран, сега не може да ја прими вакцината, но вели дека поради тоа што е важна си симболиката, тој лично „не би сакал црквата да не биде присутна“, па затоа некој од митрополитите ќе се вакцинира на 27 декември кога и официјално ќе започне вакцинацијата во Грција.
-Овој потег е израз на поддршка во напорите што се прават не само во Грција, туку и во целиот свет, истакна поглаварот на ГПЦ и рече дека за вакцинацијата потребно е црквата да соработува со државата.
Министерот за здравство на Грција Василис Кикиљас рече дека „операцијата Слобода“, како што во земјата се нарекува процесот на вакцинација, има за цел постепено граѓаните да се вратат во нормала.
Средбата на Кикиљас со Јеронимос беше во рамките на националната кампања за вакцинацијата.