Филипче: Од следната недела ќе биде достапен нашиот „грин пас“
– Тешко е сега да се каже каква ќе биде политиката на земјите-членки на Европската Унија или на секоја од земјите поединечно во рамки на ЕУ, надвор од Унијата во Европа или ширум светот за патување во услови на ковид криза .Имаме некои најави и информации, но некои од ставовите на земјите се менуваат, оцени денеска министерот за здравство Венко Филипче.
-Во секој случај нашиот „грин пас“ ќе биде спремен од почетокот на следната недела. Тоа е пас кој електронски преку QR (Кјуар) код и апликација која ќе може да се симне на секој мобилен телефон ќе содржи простор за три податоци – податок за вакцина, односно ревакцина и типот на вкацината, ПЦР тестирањето кое секогаш ќе може да се надгради со секое следно ПЦР тестирање, и податок за соодветна количина на детектирани антитела како доказ за прележана болест, рече Филипче во одговор на прашање по примопредавањето на германската донација од 72.000 брзи антигенски ковид тестови.
Нагласи дека граѓаните ќе можат преку матичните лекари кјуар кодот да го данлодираат во својата апликација.
За македонските граѓани кои се вакцинирале во некоја од соседните земји рече дека ќе треба да извадат потврда за вакцинираност таму, бидејќи, како што кажа, во документот мора да се внесе серијата на вакцината со која се вакцинирани.
Нагласи дека македонскиот став е дека граѓаните може да се вакцинираат еден месец после прележан Ковид-19 и да се примат две дози од која било вакцина. Ревакцинацијата, како што рече, за сите вакцини е по три недели, а за Астра Зенека по 12 недели. Повтори дека на граѓаните под 60 годишна возраст нема да се дава вакцината на Астра Зенека.