(ФОТО) Ден без автомобили во Аеродром
Под мотото „Улица за луѓе“ денеска се одржи „Денот без автомобили“ на улицата Васко Карангелески во скопската општина Аеродром.
Улицата денеска e затворена за автомобилски сообраќај вкупно 12 часа, во периодот од 8 до 20 часот на потегот од булеварот Јане Сандански до крстосницата со улицата Владимир Комаров и на неа се одржаа различни културни активности за возрасните, но и за најмладите, а беше подигнат и нов дрворед, информираат од Град Скопје.
„Целта на оваа акција е стимулирање на алтернативниот начин на транспорт, алтернативното движење низ урбаните средини и граѓаните да видат дека можеме да живееме без автомобили. Тое е нешто што ние го работиме во изминативе три и пол години, надминавме над 100 километри добро организирани велосипедски патеки, а такво нешто ќе се случува и токму на оваа улица со нејзината реконструкција, која наскоро ќе биде велосипедска спојка за граѓаните од Лисиче со новиот мост.Воведувањето на брз автобуски превоз (БРТ) е една од низата мерки што градот ги презема за да ги замениме индивидуалните автомобили како начин на транспорт, со цел да го намалиме сообраќајниот метеж, да ја заштитме животната средина и да ги навикнеме луѓето на здрав начин на живот и да можат од овде од Аеродром побрзо да стасаат со велосипед по безбедна велосипедска инфраструктура. Сето ова е во рамките на акцискиот план за Зелен град кој интензивно се спроведува веќе втора година по ред и можеме да видиме дека дава резултати и во намалувањето на загаденоста на воздухот“,
рече скопскиот градоначалник Петре Шилегов