Фрчкоски нов в.д. ректор на Американскиот универзитет – ФОН
Професор д-р Љубомир Фрчкоски е избран за в.д. ректор на Американскиот Универзитет на Европа – ФОН на местото на досегашниот професор д-р Нано Ружин кој заминува во пензија.
Тој како досегашен декан на правни и политички науки на ФОН беше еден од најангажираните за развој на Универзитетот и негово приближување до европските и светските вредности за квалитетно образование во чиј центар на внимание е студентот.
Професорот Фрчкоски е долгогодишен професор од Правиот факултет од Универзитетот „Кирил и Методиј“ во Скопје со особено искуство во областа на меѓународното и човековите права, политичката теорија и решавање на конфликтите.
Фрчкоски е еден од најеминентните македонски интелектуалци, а во текот на својата кариера бил министер за внатрешни и надворешни работи, додека како експерт и советник учествувал во многу активности, меѓу кои создавањето на првиот македонски устав и Охридскиот рамковен договор во 2001 г. Автор е на бројни книги, и текстови поврзани со човековите права и решавање на идентитетски конфликти, познат колумнист и учесник на бројни меѓународни конференции.
Универзитетот во моментот има акредитирано осум факултети (правни и политички науки, економски науки, информатика, дизјан и мултимедија, странски јазици, детективи и безбедност, спортски менаџмент, архитектура) со повеќе од 45 насоки на додипломски и последипломски студии и настава на англиски, македонски и на албански јазик.
Во рамки на трансформацијата што е во тек и целосното преземање на амeриканскиот систем на функционирање на настава согласно програмата и структурата на Мајами Универзитет од Охајо, САД, годинава за прв пат ќе се отворат и факултетите за Физикална и кинези терапии, за Храна и индустрија, а се подготвува и работа на стоматолошки факултет.