Гаши повика да се истражи кој стои зад инцидентот со знамето, но не верува оти има политичка заднина

Палење и газење државни знамиња е во спротивност со државните и националните интереси на секоја етничка заедница, изјави денеска претседателот на Собранието, Африм Гаши, осудувајќи го вчерашниот инцидент во центарот на Скопје кога за време на прославата на Денот на независноста на Албанија и на албанското знаме граѓани го искинаа националното знаме на земјава.

Африм Гаши, претседател на Собранието на С Македонија / Фото: Архива

Гаши повика да се истражи кој стои зад инцидентот, иако рече дека не верува оти има политичка заднина.

Прашан дали наративот на политичарите во изминатиот период влијаел за појава на ваков инцидент, Гаши вели оти тоа треба да го кажат надлежните органи и да ги откријат мотивите за случајот.

„Ако е несовесно однесување на одредени граѓани, тие треба да понесат одговорност и секој да одговора за постапките. Никако не е дозволено да се гази, навредува и повредува туѓо знаме, туѓ симбол на друга заедница која било да е таа. Патриоти се тие кои го почитуваат своето знаме, но и знамето на другите“,

изјави Гаши во одговор на новинарско прашање по посетата на општина Гостивар.

Собранискиот спикер повика на воздржаност, почит и конструктивна комуникација како единствениот пат за надминување на сите предизвици, а на граѓаните им порача да ги почитуваат државните симболи и законите.

„Сите кои сакаат дестабилизација во државата, не им посакуваат добро на својата нација и својот народ, а потоа и на државата. И затоа повикувам на освестување“, додаде Гаши.

Во врска со синоќешните инциденти во Скопје се уапсени најмалку осум лица.

 

Back to top button
Close