Германија, Чешка и Унгарија бележат рекордни бројки на новозаразени со ковид-19

Берлин одлучи од понеделник да им забрани на невакцинирани лица да влегуваат во кафулиња, кина, спортски сали, базени/ Фото: EPA-EFE/FOCKE STRANGMANN

Германија, Чешка и Унгарија забележаа најголем број новозаразени со коронавирус во еден ден од почетокот на пандемијата, објавија тамошните власти.

Според Институтот Роберт Кох, во Германија во последните 24 часа се регистрирани 66.884 случаи на инфекција со ковид-19.

Седумдневната инциденца е 404,5 случаи на 100.000 жители и е поголема од 400 за прв пат.

Една недела претходно биле пријавени 52.826 случаи, а седумдневната инциденца била 319,5 случаи на 100.000 жители.

Во средата беа пријавени 335 смртни случаи поврзани со ковид-19, што е повеќе од оние 294 кои беа пријавени минатата недела.

Од почетокот на пандемијата, Германија има регистрирано 5.497.795 случаи на ковид-19, но реалниот број на случаи е веројатно многу поголем. Потврдени се 99.768 смртни случаи.

Чешка има регистрирано 25.864 случаи на инфекција со ковид-19, што е најголем број во земјата со 10,7 милиони жители од почетокот на пандемијата, според Министерството за здравство.

Унгарија, исто така, имаше рекорден број на нови случаи со 12.637 потврдени нови инфекции, објави во средата Министерството за здравство.

Back to top button
Close