Грчко МНР ја осудува одлуката на Турција за претворање на музејот Карије во џамија
– Денешната одлука на турските власти за претворање на манастирот Карије во муслиманска џамија претставува уште една провокација за сите религиозни луѓе и за меѓународната заедница, кои ги почитуваат спомениците на човечката цивилизација, соопштуваат од Министерството за надворешни работи на Грција по издадениот декрет од турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган за претворање на музејот Карије во џамија, јави дописничката на МИА од Атина.
Од грчкото МНР ја осудуваат одлуката, ја повикуваат Турција да се врати во 21 век и велат дека „земјата ги прекршува нејзините меѓународни обврски кон спомениците од светското културно наследство што се наоѓаат на нејзина територија“.
-Денешната одлука на турските власти повторно ја изложува Турција пред меѓународната заедница. И е апсолутно за осуда. Ја повикуваме оваа земја да одржи чекор со меѓународните случувања во областа на заштитата на светското културно наследство. Ја повикуваме да се врати во 21 век на меѓусебното почитување, на дијалогот и разбирањето меѓу цивилизациите, соопштуваат од Министерството за надворешни работи на Грција. ср/сд/