Груби-Гир: Владеење на правото и неселективна правда

Првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби, денеска оствари средба со новиот амбасадор и шеф на делегацијата на Европската Унија во земјава Дејвид Гир.

Првиот вицепремиер Груби рече дека досегашната соработка со Делегацијата на Европската Унија во земјава била и ќе остане на највисокото ниво, соопшти Кабинетот на првиот вицепремиер.

– Тој го увери амбасадорот Гир дека како координатор на ресорните политики ќе обезбеди кохезија во владината коалиција и ќе ја надгледува координацијата и исходот на процеси и спроведувањето на програмата, се наведува во соопштението.

Груби му пренел на европскиот амбасадор дека „патот на неселективната правда и владеење на правото ќе се постигне само преку целосна транспарентност и ветингот кон сите носители на јавни функции, судиите и обвинителите“.

Груби и Гир размениле мислења и за динамиката на спроведувањето на реформите, што се очекува уште повеќе да се зголемат по отворањето на преговорите со Европската Унија, при што Груби нагласил дека Владата е посветена во спроведувањето на реформите во јавната администрација.

– Амбасадорот Гир за време на состанокот со Груби подвлече дека за Европската комисија и институциите на ЕУ, спроведувањето на реформите во судството, владеењето на правото и одржувањето на добрите меѓуетнички односи, како и добрососедските односи се исто така важни, со цел да се докажат европските вредности за време на процесот на интеграција во ЕУ, се наведува во соопштението.

Двајцата соговорници разговарале и за правичната и соодветна застапеност во државните институции, но и во приватните компании, домашни и странски, со акцент на уставниот принцип на фер и соодветна застапеност за сите граѓани, без оглед на нивната етничка припадност.

Како што се додава во соопштението, Груби и Гир разговарале и за организирање на пописот на населението во Република Северна Македонија, процес што тие оценија дека успешно ќе биде завршен во текот на следната година. 

Back to top button
Close