Груби на средба со Земај: Границите меѓу Северна Македонија и Косово мора да се отворат
Првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи помеѓу заедниците Артан Груби денеска во својот кабинет оствари средба со министерот за здравство на Република Косово Арменд Земај.
Груби и Земај разговарале за состојбата со епидемијата предизвикана од КОВИД-19 во Северна Македонија и Косово, како и за најдобрите и најефикасните начини за справување со неа. Тие, како што соопштија од Кабинетот на вицепремиерот, зборувале и за важноста од отворањето на граничните премини меѓу Северна Македонија и Косово, одлука која ќе им помогне на економиите на двете земји.
На средбата, Груби истакнал дека тој лично е за отворање на сите гранични премини, заради слободното движење, и истото да се спроведе според моделот што го користат Република Албанија и Република Косово, преку слободно движење без да се бараат ПЦР тестови.
Тој за време на средбата му ги пренел своите честитки на министерот Земај за постигнатиот договор во Вашингтон меѓу Косово и Србија и истакнал дека косовските институции можат да го следат примерот на Северна Македонија, конкретно Договорот од Преспа каде се постигна договор меѓу Северна Македонија и Грција што, како што наведуваат од Кабинетот на вицепремиерот, на земјава и овозможи влез во НАТО и отворање преговори за членство во Европската Унија.
Според Груби, смелите одлуки и носат на земјата само добри работи и многу пријатели.