Груби: Уставните измени мора да се случат, со нив се потврдува одвојување на македонскиот од бугарскиот народ

Уставните измени не дека ќе се случат туку мора да се случат и од нив најголем добитник е македонската заедница бидејќи со тоа се прави одвојување на македонскиот од бугарскиот народ, вели првиот вицепремиер Артан Груби.

Тој вели дека ако до вчера Бугарите имале други претензии, сега со договорот да се направат уставни измени, Бугарија всушност потврдува дека постои посебен македонски народ и јазик.

 

„Без уставните измени Македонија е во регрес, во статус кво и не може да оди напред. Затоа секој што сака европска Македонија, секој што сака развој, да ја види нашата земја рамо до рамо со членки на ЕУ ќе даде поддршка за уставните измени од кои најголем добитник е македонската заедница во РСМ затоа што конечно се прави одвојување на македонскиот од бугарскиот народ и тоа со прифаќање од страна на самиот бугарски народ кој како што знаете, се до вчера, имаше други претензии. Од овој процес најголем добитни е македонскиот народ во земјата и сите граѓаните во земјата затоа што сметам дека се заокружува целокупната тапија на државноста на Република Северна Македонија“ рече Груби.

Иако од ВМРО-ДПМНЕ се децидни дека нивни пратеници нема да поддржат уставни измени, првиот вицепремиер и денеска ја повтори изјавата дека очекува проевропското крило во опозицијата да гласа „за“.

„Сметам дека проевропското крило кое е во подем во опозицијата во Собранието ќе даде поддршка за уставните измени и веќе имаме контакти, комуницираме со пратениците, претседателите на политичките партии за начин на кој и тие ќе ја дадат својата поддршка за европска Македонија“ изјави Груби.

На прашање со кои партии се разговора, тој рече кратко одговори „опозициските партии“.

Back to top button
Close