Инспекторите и денеска на терен за „недела неработен ден“

Ова е втор викенд откако недела е неработен ден со измените на Законот за работни односи кој стапи на сила од 1 јануари. Во главниот град освен големите трговски центри, аптеките и кафулињата, но и некои од пекарите, ретко каде можеше да се најде отворена прехранбена продавница.

-Вообичаено голем дел од продавниците работеа и во недела, но со измената на законската регулатива недела е неработен ден. Дали се почитува законот, инспекторите проверуваат.

Сопствениците на објектите кои ќе работат во недела, најдоцна до сабота треба да поднесат листа за вработените кои ќе работат. Канал 5 беше на терен заедно со инспекторите од трудовиот инспекторат. Контролата се прави по случаен избор.

Сепак за граѓаните проблем е што имаат итна потреба за одредени производи од прехранбени продавници, но се затворени. Се жалат дека работат само моловите, а нема каде да проверат кои од помалите продавници работат.

-Немаше ништо отворено. Баш прошетав утринава, имав потреба нешто да купам, работеа само трговските центри, вели жител на скопската населба Карпош.

Побаравме одговор од Државниот инспекторат за труд од каде велат дека во фаза на изработка се тие податоци и граѓаните до крајот на месецот ќе имаат можност преку веб страницата на Инспекторатот да проверат кои објекти ќе работат во недела.

-Државниот инспекторат за труд направи свој систем за пријава за работа во недела. Сите тие пријави кои што доставуваат работодавачите се обработуваат, и во табела ќе бидат достапни за граѓаните и тие ќе можат да видат кои од работодавачите можат да работат во недела. Тоа ќе биде јавно достапен податок на веб страницата на ДИТ, вели Весна Томовска – Главен инспектор за цела земја.

Денеска инспекторатот извршил 23 контроли утврдил три неправилности. Работодавачите претходно не го известиле ДИТ дека ќе работат во недела. Изречени им се опомени.

Back to top button
Close