Италијански семејства на жртви на Ковид-19 бараат од државата отштета од 100 милиони евра

 

Петстотини семејства на жртви на пандемијата на коронавирус ќе поднесат приватни тужби против италијанската држава и ќе бараат 100 милиони евра поради сериозни пропусти во управувањето со кризата, објавија денеска медиумите.

Тужби ќе бидат поднесени против италијанскиот премиер Џузепе Конте, министерот за здравство Роберт Сперанца и Атилио Фонтана, претседател на Ломбардија, покраината што беше најлошо погодена за време на пандемијата, со речиси 25.000 смртни случаи од вкупно 70.000 починати во Италија од февруари досега.

Овие приватни тужби доаѓаат по околу триста кривични пријави, наведува здружението „Осудуваме“, кое ги обединува членовите на семејствата на жртвите и ги иницира судските процеси.

Тужбите беа поднесени во последните месеци главно во Државното правобранителство во Бергамо, во северниот дел на Италија.

Државното правобранителство спроведува неколку одделни истраги поврзани со трагедијата.

Адвокатите на здружението „Осудуваме“ наведуваат „сериозни пропусти на регионалните власти во Ломбардија и на централната влада“ при организирање одговор против пандемијата, објави денеска на својата веб-страница локалниот весник „Бергамоњуз“.

Меѓу другото, тие го критикуваат недостатокот на ажуриран национален план за борба против пандемијата и доцнењето со воспоставување на „црвената зона“ во февруари, со која биле опфатени две општини во Бергамо, Нембро и Алзано Ломбардо, особено погодени од епидемијата на корона вирусот.

Back to top button
Close