Извештај: Пропустите на израелската армија го овозможија нападот на Хамас во 2023 година

– Во денеска објавениот извештај на израелското воено разузнавање утврдено е дека пропустите на израелската армија овозможиле Хамас на 7 октомври 2023 година да го изведе најсмртоносниот напад врз Израел.

Во извештајот се наведува дека армијата погрешно ги проценила намерите на Хамас и ги потценила способностите на палестинското движење.

Истрагата покажала дека израелската армија била целосно неподготвена за нападот на Хамас на големиот еврејски празник Јом Кипур. Исто така е утврдено оти главна грешка била што се сметало дека Хамас, кој ја презеде власта во Појасот Газа во 2007 година, е повеќе заинтересиран за управување со енклавата отколку за борба против Израел.

Во извештајот се посочува дека воените планери погрешно ги процениле способностите на Хамас. Тие предвидувале дека Хамас може да изврши копнена инвазија на осум гранични точки, но припадниците на палестинското движење нападнаа повеќе од 60 места.

Истрагата утврдила дека армијата била премногу самоуверена и не се сомневала во своите концепти и уверувања.

Во извештајот не се обвинува ниту еден израелски офицер, но најверојатно ќе уследат оставки и смени. Некои високи офицери веќе поднесоа оставки, меѓу кои и поранешниот шеф на военоразузнавачката служба.

Неименуван израелски воен претставник изјави дека според разузнавачките податоци, Јахја Синвар, организатор на нападот од 7 октомври, кој беше убиен мината година, нападот врз Израел го планирал уште од 2017 година.

При нападот на Хамас на 7 октомври загинаа 1.200 луѓе, а 251 заложници беа одведени во Појасот Газа.

Back to top button
Close