Како во Србија од 1 септември ќе изгледа образовниот процес во услови на епидемија

Во Србија од 1 септември, најмладите од основно училиште ќе одат на училиште, додека за оние од петто одделение, часовите ќе бидат комбинација на доаѓање на училиште и следење на часовите преку јавниот сервис, сопштено е вчера во Белград по средбата меѓу претставниците на владиниот кризен штаб за справување со коронавирусот и Министерството за образование.

Како што изјави министерот за образование, Младен Шарчевиќ, министерството изработило препораки за сите сегменти на наставата, меѓутоа, училиштата ќе имаат одреден степен на автономија.

– Така, наставниот кадар, односно директорот на училиштето, ќе може да го прецизира времето на започнување на наставата – на дневно, неделно и месечно ниво и внатрешната организација на смените на ученичките групи, кажа Шарчевиќ.

Министерството планира да понуди неколку модели на училиштата, и во зависност од нив, според можности кога станува збор за просториите и наставниот кадар, самите да одлучат кој модел ќе го применуваат.

– Во некои институции, речиси е сигурно дека ќе мора да се организира комбиниран модел на настава, врз кој ќе влијае бројот на ученици и просторот, затоа што за сите мора да бидат обезбедени здравствени услови, изјави министерот Шарчевиќ.

Во анализата што ја направи дописникот на МИА од Белград за изгледот на образовниот процес во престојната учебна година, основно е тоа што – школскиот час ќе трае 30 минути, посебен акцент е ставен на најмладите од прво до петто одделение, затоа што училиштето е целосна новина во нивните животи и се очекува сите да одат на училиште, ќе се одвива настава само во една определена училница за да се намали шетањето низ училиштето, одговарањето секогаш ќе се одвива на училиште, дури и за оние кои ќе следат онлајн настава, учениците ќе имаат обврска да носат маски и ќе имаат растојание од 4 метри квадратни за време на наставата.

Од прво до четврто одделение

– За учениците од прво до четврто одделение, часовите ќе се организираат секој ден на училиште.

– Ако во одделението има повеќе од 16 ученици, тоа се дели на две групи, кои доаѓаат на часови во два различни термини.

– Учениците во секоја група ќе имаат дневно до четири часа, во траење од 30 минути.

– Меѓу термините во кои групите имаат часови, се планира пауза за чистење и дезинфекција на училниците.

– Часовите на задолжителните предмети се реализираат во училиштето, а доколку има услови и на отворен простор или во дворот на училиштето.

– Изборните програми / предмети и други форми на едукативна работа ќе се реализираат непосредно во училиштето или преку учење од далечина во согласност со просторните и техничките можности на училиштето.

Од петто до осмо одделение

За ученици од основните училишта од петто до осмо одделение, часовите може да се организираат преку основен или комбиниран модел. Ова го одлучува училиштето, кое го подготвува распоредот на работата според можностите што ги има кога станува збор за училишните простории, но и наставниците.

Основен модел

– За учениците од петто до осмо одделение, во училиштата кои имаат можности, наставата ќе се организира секојдневно во училиштето.

– Ако бројот на ученици е поголем од 16, одделението се дели на две групи.

– За секоја група се утврдува училница во која се одржуваат часовите, според примерот на класната настава.

– Групите доаѓаат во два термина во иста или спротивна смена во однос на учениците од прво до четврто одделение во зависност од можностите на училиштето.

– Учениците во една група имаат најмногу пет часа дневно, кои ќе траат по 30 минути.

– Помеѓу часовите во кои групите имаат часови, се планира пауза за чистење и дезинфекција на училниците.

Комбиниран модел

– Во училиштата каде што не постои можност да се организираат часови секој ден за сите одделенија до петто до осмо, наставата се реализира според комбиниран модел.

– Учениците по одделенија имаа организирана настав директно на училиште или преку настава од далечина.

– Учениците од петто и шесто одделение, во согласност со организацијата на училиштето, во текот на една недела имаат часови во училиштето во понеделник, среда и петок.

– Учениците од седмо и осмо одделение доаѓаат на настава во вторник и четврток. Следната недела, часовите се ротираат, така што седмо и осмо одделение имаат настава во училиштето во понеделник, среда и петок, а петто и шесто одделение во вторник и четврток.

– Учениците во деновите кога немаат настава на училиште, имаат настава од далечина, односно ги следат часовите што се емитуваат преку јавниот сервис РТС.

– Ако бројот на ученици е поголем од 16, тој се дели на две групи.

– Учениците во една група имаат до пет часа дневно.

– За секоја група се утврдува училница во која се одржуваат часови, според угледот на класната настава.

Учење од далечина (онлајн настава)

Прикажувањето на часови на каналите на РТС 2 и РТС 3 ќе биде секој работен ден во согласност со распоредот, според утврдената програма на прикажување на часовите.

Учениците од петто одделение ќе ги следат часовите на каналот РТС 2, со почеток во 8:00 часот и со распоред од три часа на ден, додека часовите за учениците (VI-VIII одделение) ќе се емитуваат на каналот РТС 3, со почеток во 8:00 часот.

Наставата за учениците од првиот циклус на основното образование (I-IV одделенија) ќе се емитуваат на мултимедијалната интернет платформа РТС Планета.

Исто така, учениците од прво до седмо одделение ќе имаат по три часа на ден, додека учениците од осмо одделение ќе имаат четири часа.

Министерството за образование веќе ја има снимено наставата и организирани се шеми во случај да се разгори епидемијата. Во случај на жаришта или влошување на состојбата, обезбедено е сите деца да имаат часови преку Интернет.

Според она што го презентираше министерот за образование, ако родителите имаат одредени стравувања своите деца да ги пуштат да одат на училиште, ако имале некој кој бил сериозно болен или починал, нема да постои проблем родителот ако одлучи детето наставата да ја следи целосно онлајн.

– Нема да има кабинетска настава и нема да има „прошетки“ по училиштето од училница до училница. Ќе гледаме одредени предмети да не се изведуваат како досега, физичко и здравственото воспитување – ќе се зборува повеќе за самата епидемија, хорските проби нема да бидат можни без маска и слично, кажа министерот Шарчевиќ.

За средните училишта може да се применат неколку модели, а основниот модел е да работат неделно и тие самите да ги распределат во групи учениците во зависност од програмата, дали станува збор за гимназија или за стручни училишта.

Според членот на кризниот штаб, Д-р Предраг Кон, родителите треба да ја измерат температурата на детето пред да одат на училиште и да не ги испраќаат деца со симптоми на училиштата.

– Кога детето ќе дојде на училиште, тој веднаш мора да стави маска и ние препорачуваме постојано да ја носи, но додека ја слуша наставата на часот тоа нема да биде задолжително. Сметаме дека е најпаметно да се носи маска цело време, но и дека може да ја остави маската додека е во својата клупа, кажа Кон.

Одлуката како ќе се одржува образовниот процес на факултетите ќе биде донесена следната недела.

Според РТС, студентите на факултетите во Србија ги очекуваат три сценарија за настава на претстојната учебна година: класична настава, хибридна настава со онлајн предавања и пракса во мали групи, а третото сценарио е комплетна онлајн настава.

– Ако епидемиолошката состојба е како денес, најверојатно сценарио е хибридниот модел. Онлајн предавања и работа со мали групи студенти со максимални мерки за заштита. Ова ќе биде дополнителен напор за наставниот кадар, бидејќи групите ќе бидат значително помали од порано, изјави проректорот за настава на Универзитетот во Белград (БУ), Петар Булат.

Според истражувањето спроведено од NajStudent.com на примерок од 1.955 академици, над 70 отсот од студентите сè уште стравуваат дека состојбата со пандемијата негативно ќе влијае на запишувањето во наредната студиска година, додека секој втор студент смета дека нема навреме да дипломира.

Back to top button
Close