Кога во Владата има заробен и потчинет ВЛЕН, антиалбанските сили се охрабруваат, велат од ДУИ
ДУИ тврди дека претставниците на ВЛЕН избрале молк и сервилност наместо да ги бранат достигнувањата од Охридскиот рамковен договор
Демократската унија за интеграција (ДУИ) упати директни критики до коалицијата ВЛЕН, обвинувајќи ги дека со својата „заробена и потчинета“ позиција во Владата создале клима во која се напаѓаат правата на Албанците.
Според ДУИ, последните изјави на претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, не се случајни, туку резултат на политичката немоќ на албанскиот партнер во власта.
„Кога во Владата имате слабо, заробено и потчинето претставување како ВЛЕН, тогаш антиалбанските сили се чувствуваат охрабрени и зајакнати“,велат од ДУИ во денешното соопштение.
ДУИ тврди дека претставниците на ВЛЕН избрале молк и сервилност наместо да ги бранат достигнувањата од Охридскиот рамковен договор.
Според партијата, овој молк се толкува како дозвола за напади врз албанскиот јазик и поткопување на мултиетничкиот карактер на државата.
Од ДУИ порачуваат дека албанскиот јазик и правата на Албанците не се прашања за кои може да се преговара или кои смеат да се релативизираат.
„Тие се уставни права и дел од политичкиот поредок што ја гарантира стабилноста и соживотот во државата“,додаваат од ДУИ.
Партијата смета дека одговорноста за актуелната состојба паѓа подеднакво и врз оние што даваат антиалбански изјави, но и врз оние кои се на власт, а не реагираат.
„Денес сме сведоци на изјави и постапки кои порано никој не се осмелуваше јавно да ги артикулира“се вели во соопштението на ДУИ






