Ковачевски го праќа договорот со „Бехтел и Енка“ во Јавното обвинителство за да се испитале сите дилеми

Владата донела одлука да го прати договорот со „Бехтел и Енка“ во Јавното обвинителство. Веста за невообичаениот пат на документот, за кој јавноста дозна е класифициран на барање на фирмата изведувач на автопатите од коридорите 8 и 10-д, ја соопшти лично првиот чекор на Владата.

Премиерот Димитар Ковачевски на денешната прес-конференција/Фото: Принтскрин

Но и логиката и праксата вообичаено се обратни. Работата на Јавното обвинтелство не е да советува и дава мислења по документи кои му ги доставуваат институциите по сопствена иницијатива. Напротив, Јавното обвинителство е тоа кое бара документи од други институции, во рамки на отворени предмети за сомнежи за сторени кривични дела.

Одговарајќи на новинарско прашање во врска со договорот со „Бехтел и Енка“, Ковачевски кажа:

„Можам да ве информирам дека Владата веќе донесе одлука согласно со степенот на доверливост на договорот со која е овластено Јавното претпријатие за државни патишта да го достави до Јавното обвинителство договорот, со оглед на тоа дека имаше многу прашања кои се однесуваа на тоа дали постоела можност за некакви влијаниа итн., а кои беа демантирани од Владата и сите претставници бидејќи станува збор за една од најреномираните американски компании кои работат на вакви големи проекти. Тој договор ќе биде доставен до Јавното обвинителство, па на нивно постапување понатаму да ги испитаат сите наводи кои беа кажани од страна на политички партии, од страна на медиуми, од страна на поединци итн.“,рече Ковачевски.

Зошто пратениците предлагаат измени на договор кој не го виделе?

Ваквиот потег на владата следува по минатонеделните протести на различни учесници во општествено-политичкиот живот и на одлуката договорот со „Бехтел и Енка“ да биде класифициран, но и на блицкриг потегот на мнозинството во парламентот – набрзина да смени 8+1 закони по скратена постапка. На крај, испадна дека владата се договорила со „Бехтел и Енка“ за сума од 1,3 милијарди евра за автопатите, но под услов да се сменат редица закони со кои изведувачот ќе може да работи побрзо. Ако законите не се сменат, градбата ќе биде и поскапа и подолга.

Но бидејќи договорот со „Бехтел и Енка“ е таен, Ковачевски доби прашање – зошто измените на законите ги предлагаат пратениците (кои во теорија не би ни можеле да го имаат видено договорот) а не владата која го потпиша?

Премиерот одгоори дека народните избраници во Закодавниот дом биле тие кои го донесоа специјалниот закон за коридорот 8 и коридорот 10-д  и со кој ја задолжиле Владата и нејзините институции да го спроведат.

Ковачевски оправдува повеќе дополнителни работни часа неделно
Во тој контекст беше прашан и конкретно за измените на Законот за работни односи со кои се предвидува работниците кои ќе бидат ангажирани на изградбата на автопатите да имаат повеќе од 8 дополнителни часа на редовните 40 во една работна недела. Патем, одредба во таков дух имаше во Законот за изградба на автопатите, но тој член, за 60-часовна работна недела, го укина Уставниот суд.

Ковачевски, како одговор, објаснуваше дека и во актуелното законско решение е предвидена работа во недела.

„Пратениците се тие кои го донесоа специјалниот закон за Коридорот 8 и Коридорот 10-д и преку тој закон практично ја задолжија Владата да ја спроведе постапката, да формира управувачки комитет и да ги задолжи другите институции – Јавното претпријатие за државни патишта, Министерството за транспорт и врски со своите капацитети да ангажираат консултанти со кои ќе биде преговаран и потпишан договорот на 400 страници и тој е направен согласно нашите законски регулативи. Секако дека вие зборувате (новинарот кој го постави прашањето) за работните часови во нашата држава согласно со закон за работни односи, меѓутоа треба да знаете дека пратениците ги носат сите закони, дека и во постојното решени за законот за работни односи има дејности како што е трговијата кои работат во недела. Ако отидете во нашите молови кои работат во недела тогаш ќе видите дека се работи во недела. Второ имаме градови кои се трговски дестинации и во кои согласно закон исто така е дозволена работа во недела“,

рече Ковачевски.
И досега, како што рече тој, голем број компании и изведувачи на градежни работи барале слични измени на Законот од Владата и од пратениците, бидејќи тоа го барале самите услови за работа во кои функционира овој бизнис-сектор.

„Самиот сектор подлежи на голем број сезонски варијации, на пример, кога е лошо времето, не можете да градите, имате неангажирана работна сила, кога е добро, тогаш можете да градите со повеќе работни часови и напротив, тоа се побудите да се направат вакви законски измени со кои прво подобро се искористуваат ресурсите и второ, се забрзува работата и се зголемува продуктивноста на ангажираните работници“,рече премиерот.

Доколку бидат донесени измените на Законот за работни односи, тогаш, според премиерот, ќе може да бидат ангажирани помал број работници, но кои се домашни и кои ќе работат поголем број часови. А ако не се донесат измените, тогаш работите ќе чинат поскапо и ќе треба да се увезуваат работници од странство.

„Доколку бидат донесени овие законски измени тогаш ќе можат да бидат ангажирани помал број на работници и да се работи поголем број на часови. Поголем дел од финансиските средства да останат во државата со оглед на тоа дека ние знаеме колку градежни работници имаме во државата. Во другиот случај доколку не се донесат, тогаш ќе има работници кои ќе дојдат од странство со цел да работат на имплементација на овој најголем градежен проект во историјата на државата“,

рече Ковачевски.
Како ќе се одблокира Комисијата за труд?
Овде тој повторно се наврати на доверливоста на договорот со „Бехтел и Енка“ и рече дека Владата и надлежните министерства и јавни претпријатија можат во секое време да им помогнат на пратениците и на било која институција во формулирање на законски решенија.

Во врска со седницата на Комисијата за труд и социјална политика, која денеска иако беше закажана, но не се одржа, а на која во второ читање требаше да се разгледуваат измените на Законот за работни односи, Ковачевски рече дека тоа се должи на тоа што „една политичка партија која е против сите стратешки цели на државата има поднесено амандмани со кои практично се одолжува расправата“.

За тоа кои ќе бидат следните чекори за да се одблокира работата, Ковачевски не сакаше да одговори конкретно и рече:

„Денес не се одржала седница. Во однос на тоа кои ќе бидат наредните чекори, со цел носење на законски решенија кои ќе овозможат побрзо и поефикасно и попродуктивно градење на овие автопатски делници и на други стратешки проекти, ќе бидете благовремено информирани. Меѓутоа, определбата на оваа Влада и на ова парламентарно би рекол прогресивно мнозинство е ова да биде направено на интерес на институциите и во интерес на граѓаните и на компаниите за кои и практично се прават овие коридори, за да можат да ги користат во иднина, а кои до сега не постоеле“,изјави Ковачевски.

Back to top button
Close