Кузеска: Тошковски готви партиска милиција на ВМРО-ДПМНЕ
Очигледно министерот Панче Тошковски оди по стапките на својот идол Никола Груевски и делува како негов партиски клон, рече денеска на прес-конференција, Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ.
Според неа, „со предлог законските измени кои Тошковски ги предлага во Законот за полиција, тој готви партиска милиција на ВМРО-ДПМНЕ под негова контрола“.
-Наместо модерна, професионална, европска полиција – Тошковски го претвора Министерството за внатрешни работи во пара-полициски апарат на ВМРО-ДПМНЕ. Ова не е реформа, ова е отворање на вратите за криминалци, послушници и партиски војници.
Ова е рецепт за полициска држава! Законот за измени на Законот за полиција што го предлага Тошковски е опасен за целиот безбедносен систем, антиевропски и длабоко корумпиран обид за партизација на полицијата, елиминација на кариерниот систем и уривање на безбедносниот поредок – вели Кузеска.
Таа рече дека „наместо полиција што штити граѓани, Тошковски прави партиска милиција што штити криминалци“.
-Бараме итно повлекување на законот, прекин на узурпацијата на МВР и отворање јавна дебата за департизација на полицијата. Полицијата мора да биде сервис на граѓаните, не оружје во рацете на партиската мафија. Ова не е политичка борба – ова е борба за безбедност, за државата и за правото! Македонија не смее да си дозволи нова верзија на режимот на Груевски, со Тошковски во улога на негов партиски клон – кажа Кузеска.